Научниците од Универзитетот „Врије“ во Амстердам открија микропластика во човечката крв откако анализираа примероци од 22 здрави возрасни лица, а беше откриено дека микропластиката е пронајдена во 17 примероци. Сега истата група научници анализирала примероци од животни.

Научниците пронајдоа микропластика во крвта, месото и млекото на животни од фарма, а ова би можело да биде објаснување за тоа како таа завршила во човечките тела. Она што е уште позагрижувачко е можноста овие честички да „патуваат“ низ телото и да се заглават во органи.

Истражувањето е финансирано од Фондацијата Plastic Soup, а во извештајот се наведува дека 80 отсто од тестираните месо и млечни производи содржат микропластика. Анализирани се 12 примероци од кравја крв и 12 примероци од свинска крв, а во секоја е пронајдена микропластика вклучувајќи полиетилен и полистирен.

Исто така, анализирани се 25 мостри млеко од пакување во супермаркети, резервоари за млеко на фарми и мостри добиени со рачно молзење, при што е констатирано дека 18 примероци содржат микропластика.

Еден од можните извори на опасни честички може да биде храна за крави и свињи. Сите 12 примероци на пелети и сечкана храна содржеле пластика, но немало контаминација во свежата храна.

„Ова истражување предизвикува сериозна загриженост за контаминацијата на нашиот синџир на исхрана. Јасно е дека земјоделците не се одговорни за ова. Се чини дека барем некои прехранбени производи од супермаркети се преработуваат во добиточна храна заедно со нивното пакување. Ова не е само штетно на животните, туку можеби и за нас луѓето. Веројатно речиси секој стек и плескавица содржи мали парчиња пластика“, вели Марија Вестербос, директорка на Фондацијат Plastic Soup.

Со години расте загриженоста за количината на пластика содржана во животинското месо што луѓето ја консумираат. Затоа научниците предупредуваат за храна која се подготвува за добитокот.

„Животните се способни да апсорбираат барем дел од пластичните честички на кои се изложени во нивното живеалиште. Ова истражување треба да поттикне подетална истрага за целосниот степен на изложеност и сите поврзани ризици. Производството на добиточна храна без пластика може да биде еден начин да се подобри состојбата кога станува збор за изложеноста на добитокот на пластични честички“, изјави екотоксикологот Хедер Лесли.

Фондацијата покрена петиција за спроведување на неопходните мерки за заштита на домашните животни од пластика, а нивните производи да бидат безбедни за консумирање. Целта на фондацијата е добиточната храна да не содржи микропластика.

Ова е важен чекор за заштита на човековото здравје бидејќи вирусите би можеле да се закачат на микропластиката за да преживеат, да напредуваат и да го контаминираат секој што ќе дојде во контакт со нив.