Кина започна со изградба на нов објект за активно набљудување со цел да ја подобри одбраната на планетата Земја.

Кинеските власти и научници тврдат дека новиот радарски систем ќе помогне да се заштитат луѓето од вселенските карпи, заедно со други слични програми како што е мисијата ДАРТ на НАСА.

Објектот е дизајниран да детектира астероиди блиску до Земјата кои би можеле да бидат закана за човештвото, а ќе биде изграден во Чонгкинг на југозападот на земјата. Кодното име на објектот е China Fuyan.

Овој објект за набљудување ќе има повеќе од 20 антени, од кои секоја ќе има дијаметар меѓу 25 и 30 метри. Антените ќе работат истовремено за да вршат HD набљудувања на астероиди до 150 милиони километри од Земјата. Глобал тајмс пишува дека тоа ќе биде радарскиот систем со најдолг дострел.

Претседателот на технолошкиот институт во Пекинг Лонг Тенг рече дека изградбата на објектот China Fuyan ќе ја подобри одбраната на Земјата, како и можностите за следење на ситуацијата во вселената, но ќе помогне и во проучувањето на потенцијално населиви егзопланети и астероидни формации.

Изградбата на Fuyan ќе започне со четири радари со дијаметар од 16 метри дизајнирани за првично тестирање. Ако се оди според планираното, бројот на антени ќе се зголеми на повеќе од 20, со што ќе се создаде HD радарски систем. Тоа ќе биде првиот длабок вселенски радар кој ќе може да врши 3D слики и динамично следење, како и активни набљудувања на вселенски објекти низ Сончевиот систем.

Во април Кина најави изградба на систем за следење и одбрана на Земјата од астероиди со цел да ги заштити планетата и луѓето. Системот за предупредување ќе биде поставен на Земјата, но и во вселената и ќе помогне да се детектираат сите астероиди кои би можеле да бидат закана за активностите во вселената, како и за населените области на нашата планета. Кина, исто така, работи на развој на систем за „отклонување“ на астероиди сличен на мисијата ДАРТ на НАСА, која е лансирана во ноември 2021 година.

Кинеската вселенска агенција CNSA направи голем напредок во последниве години, со цел да стане водечка глобална сила во вселената. Оваа агенција минатата година ги понуди првите докази за постоење на вода на површината на Месечината, а неодамна објави дека развива нуклеарен реактор за Месечината, кој наводно ќе биде 100 пати помоќен од оној што го развива НАСА.