Како дел од иницијативата „Seabed 2030“, досега е мапирано речиси 25 проценти од морското дно на Земјата.

Поточно, проектот за мапирање во моментов е на 23,4 отсто, но целта на иницијативата е работата за мапирање на морското дно да се заврши до 2030 година, односно за помалку од осум години.

Проектот е дел од поголемата иницијатива, The Ocean Decade, предводена од ОН, и главно се потпира на доброволни придонеси во форма на податоци за топографијата на океаните.

Рокот за мапирање на целото морско дно на планетата до 2030 година е остварлив благодарение на напредокот во технологијата и веќе достапните податоци. Само минатата година, 9,841 милиони квадратни километри од морското дно беа мапирани првенствено преку отворање архиви, наспроти активните напори за мапирање.

Научниците се надеваат дека собирањето батиметриски податоци ќе помогне во подобро разбирање на климатските промени и во напорите за зачувување на океаните. Мапирањето на дното на океанот помага и во откривањето на цунами и други природни катастрофи.

Многу од користените податоци веќе постоеја. Проектот се потпира на придонесите на владите и компаниите, но некои од нив сè уште не сакаат да ги отворат своите архиви од страв да не откријат национални или деловни тајни.

Сите податоци ќе бидат достапни на јавноста преку Интернет и глобалната мрежа GEBCO. Пред проектот Seabed 2030, многу малку податоци за директно мапирање беа јавно достапни. Поголемиот дел на батиметриски мерења се проценуваат со помош на сателитски отчитувања на височина, и овие отчитувања даваат многу груба идеја за морското дно. Некои научници веруваат дека напорите за пронаоѓање на исчезнатиот авион на Малезија ерлајнс би биле поуспешни благодарение на поновите и попрецизни методи за мапирање на дното на океанот.