Поларните мечки долго време се гледаат како симбол на штетното влијание на глобалното затоплување врз природниот свет, а сега научниците открија дека некои од овие животни на Гренланд се навикнуваат на лов без морски мраз.
Поларните мечки главно се потпираат на арктичкиот морски мраз за да ловат фоки, така што намалувањето на мразот го доведува видот на работ на истребување. Сепак, научниците имаат релативно добри вести кои даваат надеж за зачувување на поларните мечки и велат дека неколку стотици од овие животни на југоисточниот дел на Гренланд се приспособиле на условите за да ловат користејќи слатководни платформи, односно мраз што се крши од глечерите.
„Мечките преживуваат во фјордови каде што нема мраз повеќе од осум месеци годишно, бидејќи имаат пристап до слатководниот мраз од глечерот“, вели научникот Кристин Лејдре од Универзитетот во Вашингтон.
Овие откритија на тим научници укажуваат на можноста поларните мечки да преживеат и покрај зголемените температури.
„Едно од големите прашања е каде на Арктикот би можеле да преживеат поларните мечки. Мислам дека мечките на вакво место можат многу да нè научат за такви локации“, вели научникот.
Истражувачкиот тим помина две години интервјуирајќи Ескими кои го споделија своето еколошко знаење. Научниците патувале со хеликоптер и ги означувале мечките со уреди за сателитско следење и собрале генетски примероци.
Генетичарот др. Бет Шапиро рече дека она што било забележано е „генетски најизолираната популација на поларни мечки во светот“.
„Знаеме дека оваа популација живее одвоено од другите популации веќе неколку стотици години“, истакна Шапиро.
Таа додаде дека популацијата на овие мечки не расте, туку дека тие се размножуваат побавно и се помали по големина.
Шапиро рече дека е тешко да се одреди дали оваа подпопулација преживува поради генетските адаптации или „различниот одговор на многу различна клима и живеалиште“.
Се верува дека останале околу 26.000 поларни мечки.
„Поларните мечки се во неволја. Јасно е дека се на пат кон истребување, освен ако не го забавиме глобалното затоплување. Колку повеќе учиме за овој неверојатен вид, толку подобро можеме да му помогнеме да преживее во следните 50 до 100 години“, заклучила Шапиро.