Научниците веруваат дека го нашле одговорот на 700-годишната стара мистерија за потеклото на Црната чума, најсмртоносната пандемија во историјата што ја зафати Европа, Азија и Северна Африка во средината на 14 век.

Десетици милиони луѓе починаа како резултат на бубонската чума која брзо се ширела по трговските патишта, и покрај напорите да се најде изворот на инфекцијата, а поради недостаток на цврсти докази, прашањето останува неодговорено до ден-денес.

„Всушност го лоциравме изворот на вирусот во времето и просторот, што е навистина неверојатно. Го најдовме не само предокот на Црната чума, туку и предокот на повеќето видови на чума што циркулираат во светот денес“, рече Јоханес Краузе, професор на Институтот за еволутивна антропологија Макс Планк.

Меѓународен тим се собра да работи на загатката за Црната чума кога д-р Филип Славин, историчар од Универзитетот Стирлинг, откри докази за ненадеен пораст на смртни случаи во доцните 1330-ти на две гробишта во близина на езерото Исик-Кул во северниот дел на денешен Киргистан.

Анализирајќи 467 надгробни споменици датирани помеѓу 1248 и 1345 година, Славин забележал огромен пораст на смртните случаи од 1338 и 1339 година. Натписите на некои од надгробните плочи наведуваат дека причината за смртта била „mawtanā“, што може да се преведе како „чума“.

Деталните истражувања покажаа дека гробовите биле ископани кон крајот на 1880-тите, а од нив биле извадени 30 скелети на покојниците. Генетски материјал е изваден од забите на седум скелети, а три од нив го содржеле генетскиот материјал на бактеријата која предизвикува бубонска чума.

Луѓето и денес можат да бидат заразени со бубонска чума, но подобрата хигиена и помалиот контакт со инсектите кои се наоѓаат кај стаорците ја намалуваат можноста за зараза, особено оние кои можат да се претворат во смртоносна пандемија.