Вселенскиот телескоп на американската агенција НАСА, Џејмс Веб, почна да ги собира првите научни податоци, иако е во завршна фаза на подготовка.

Тимот задолжен за телескопот Џејмс Веб „одобри“ 10 до 17 режими на научни инструменти додека се подготвува да започне со научни операции. Иако телескопот се уште е во фаза на завршни подготовки за пуштање во употреба, тимот сепак почна да ги собира првите научни податоци и да ги подготвува за објавување на 12 јули оваа година.

Овој датум „официјално ќе го означи крајот на пуштањето во употреба на телескопот Џејмс Веб и почетокот на рутинските научни операции“. Тоа ќе биде историска пресвртница и нова ера за астрономијата кога телескопот ќе биде целосно оперативен речиси осум месеци по лансирањето. Телескопот ќе се користи за пребарување на знаци на вонземски живот, Земјата 2.0 и истражување на некои од најраните познати ѕвездени системи во универзумот.

Еден од клучните инструменти на телексопот, кој има неколку одобрени режими на набљудување, е спектрографот NIRSpec, инструмент кој ги набљудува спектрите на астрофизичките и планетарните објекти на блиску инфрацрвени бранови должини.

Во периодот од лансирањето, тимот на НАСА работи напорно за да го доведе телескопот во последната орбитална позиција на околу 1,5 милиони километри од Земјата. Тимот го расклопи телескопот и ги калибрира камерите и сензорите.

Досега видовме само фотографии направени за калибрација. НАСА претходно ги објави првите фотографии направени од телескопот за време на процесот на усогласување.

Сега остануваат само уште неколку дена додека НАСА во живо ги емитува првите набљудувања на телескопот Џејмс Веб.