Google работи на намалување на бројот на несакани известувања за Chrome што корисниците ги добиваат од веб-сајтовите, а за кои компанијата смета дека „пречат“.
Известувањата во Google Chrome и воопшто на веб се голем проблем во моментов. Веројатно има денови кога ви се чини дека речиси секоја страница што ја посетувате бара дозвола да ви испраќа известувања, честопати без да кликнете на копче на страницата.
Бидејќи и веб-сајтовите бараат дозвола за користење колачиња, а апликациите имаат многу дозволи за да можат воопшто да работат, лесно може да се случи да кликнете на „Дозволи“ без размислување кога ќе ве прашаат дали сакате да добивате известувања. Пред да сфатите што сте направиле, вашиот веб-прелистувач почнува да ви ги прикажува најновите рецепти од страницата на која целосно сте заборавиле. Работите се уште полоши ако на крајот се претплатите на известувањата на Chrome на веб-сајтот што испраќа спам.
Google постигна одреден напредок по ова прашање во последните години, „замолчувајќи“ известувања од веб-сајтови кои ги злоупотребуваат известувањата или бараат дозвола на погрешен начин. Кога страницата е замолчена на овој начин, Chrome исто така предупредува дека страницата можеби се обидува да ве измами.
Сега компанијата пробува нов пристап во борбата против спам. Како што објави 9to5google, Chrome наскоро ќе може автоматски да ја одземе дозволата на веб-страницата за испраќање известувања и да ги блокира сите идни обиди за барање дозвола.
Клучната разлика е во тоа што дури и ако случајно дозволите известувања од таков сајт, Chrome ќе се вклучи и целосно ќе ги прекине тие известувања. Постоечката заштита на Chrome е дизајнирана само да ве убеди да не ја давате таа дозвола, оставајќи го изборот на вас.
Ова не треба да влијае на огромното мнозинство на веб-сајтови кои испраќаат известувања преку Chrome, туку само на оние што Google ги оценил како „такви што пречат“.
Неповолниот аспект на овој пристап е тоа што Google се става во позиција на веб-модератор, бидејќи одлучува кои веб-сајтови можат и не можат да испраќаат известувања, барем кога станува збор за Chrome. Google веќе го прави тоа до одреден степен преку вградените функции за безбедно прелистување на Chrome, кои го блокираат пристапот до малициозни веб-сајтови. Но, како и кај Safe Browsing, веројатно ќе биде можно да се оневозможат овие заштити за известување преку поставките на Chrome.
Google вели дека овие вознемирувачки известувања ги прекршуваат „Условите за користење“ на компанијата.
„Спам известувањата се една од најчестите поплаки што ги добиваме од корисниците на Chrome. Оваа функција е фокусирана на решавање на овој проблем со обезбедување дека корисниците добиваат само релевантни известувања. Сметаме дека оваа работа дејствува во име на корисниците за да ги заштити нивните интереси и е интервенција со корисничка контрола и дискреција“, рече портпаролот на Google.
Со оглед на тоа што развојот на антиспам заштитата на Chrome само што започна, веројатно ќе поминат неколку месеци пред да стане широко достапна.