Трката за обновување на суперсонични патнички летови речиси две децении по „пензионирањето“ на Concorde донесе нова возбуда минатата недела откако производителот на авиони Bombardier го откри својот напредок.

Bombardier откри нови достигнувања кога станува збор за брзината на летот и го потврди лансирањето на својот нов деловен авион. Канадската компанија соопшти дека Global 8000 ќе биде „најбрзиот повеќенаменски деловен авион со најдолг дострел“.

Со капацитет за превоз на 19 патници, дометот на леталото е 14.800 километри, а може да достигне брзина од 0,94 маха. Овој авион ќе стапи во употреба во 2025 година.

Веста доаѓа откако тест авионот Global 7500 ја проби звучната бариера за време на демонстрациите во мај минатата година, кога беа постигнати брзини поголеми од 1 мах.

Global 8000 го следеше авионот F/A-18 на НАСА и за време на летот стана првиот транспортен авион што леташе со суперсонична брзина користејќи одржливо воздухопловно гориво (SAF).

„Global 8000 ги користи сите врвни карактеристики на Global 7500 и им ветува на патниците врвен авион на новата ера“, рече Ерик Мартел, претседател и извршен директор на Bombardier.

Global 8000 е само еден пример за развој на суперсонични авиони. Минатата година, United Airlines објави дека може да понуди суперсонични линии од 2029 година, откако постигна договор за купување на 15 суперсонични авиони.

Компанијата Boom Supersonic од Колорадо го завршува тестирањето на прототипот X-B1 на копно, претходник на авионот Overture. Овој авион е дизајниран да прими меѓу 65 и 88 патници, а ќе може да лета на повеќе од 500 претежно трансатлантски рути на кои брзината на летот ќе биде 2,2 маха.