Кина утре ќе го лансира вселенското летало Шенжу-14 од центарот за лансирање сателити Џиукван, најави Кинеската вселенска агенција.
Леталото Шенжу ќе одведе тројца кинески астронаути на недовршената вселенска станица каде што ќе престојуваат шест месеци.
Шенжу-14 ќе биде трета од четирите мисии со екипаж и седма од вкупно 11 мисии потребни за да се доврши вселенската станица до крајот на годината.
Официјалниот претставник на кинеската агенција за вселенски истражувања Лин Сикијанг изјави дека командантот на мисијата Чен Донг ќе биде во леталото заедно со Лиу Јанг и Каи Сује.
– Сите подготовки за лансирањето се направени, нагласи Сикијанг.
Кина почна да ја гради својата вселенска станица во април 2021 година со лансирањето на Тианхе – првиот и најголемиот од трите модули на станицата. Во Тианхе, малку поголем од автобусот, ќе има живеалишта за астронаутите по завршувањето на вселенската станица во форма на буквата Т. Преостанатите два модула, лабораториските кабини Вентиан и Менгтиан, ќе бидат лансирани во јули и во октомври.
Екипажот на Шенжу-14 ќе помогне да се постават модулите Вентиан и Менгтиан и да се испита нивната функционалност.