Третиот и последен модул се спои со кинеската вселенска станица Тиангонг.

Лабораторискиот модул, наречен Менгтиан, беше лансиран со ракета Long March 5B од локацијата Венчанг на островот Хаинан во понеделникот и пристигна во вселенската станица Тиангонг по 13 часа. Во вторникот беше направено успешно поврзување со главниот модул.

Новиот модел содржи опрема за проучување на микрогравитацијата и спроведување експерименти во физика на течности, наука за материјали, наука за согорување и фундаментална физика.

Исто така, дел од модулот е она што Пекинг го опиша како „првиот систем на ладен атомски часовник во светот во вселената“. Овој уред ќе обезбеди „најпрецизен систем за време и фреквенција во универзумот, кој нема да изгуби ниту секунда во стотици милиони години“.

На тројца кинески астронаути, кои моментално се во орбитата, наскоро ќе им се придружат уште тројца астронаути, а целта е изградбата на станицата да заврши до крајот на годината.

Кога Тиангонг ќе биде целосно оперативен, Кина ќе докаже дека „сега е рамноправен играч во вселената со САД, Русија и Европа“, според кинескиот вселенски аналитичар Чен Лан.

Кина претходно испрати два модула во вселената со цел да создаде своја вселенска станица бидејќи беше исклучена од проектот на Меѓународната вселенска станица (ISS) уште во 2011 година кога американската влада и забрани на НАСА да соработува со Пекинг.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан изјави дека Пекинг со нетрпение очекува Тиангонг да стане „нов вселенски дом за целото човештво“.

Станицата ќе биде отворена за сите земји-членки на ОН, а Лиџијан додаде дека веќе се одобрени научни проекти од 17 земји, меѓу кои и Швајцарија, Полска, Германија и Италија.

Русија ќе ја напушти ISS по 2024 година и ќе започне со изградба на сопствена вселенска станица, но рускиот вицепремиер Денис Мантуров минатиот месец изјави дека Москва најверојатно ќе го продолжи учеството во проектот ISS до 2028 година.