Компанијата Apple упати апел до добавувачите да го забрзаат производството во време кога сè уште се во сила мерките против пандемијата на коронавирус, кои негативно влијаат на процесот на производство.
Apple врши притисок врз добавувачите во Кина, каде што е на сила локдаун, бидејќи американската компанија сака да избегне одложување на iPhone 14 на пазарот.
Тестот за инженерска верификација (EVT) во кој производителите ги финализираат сите делови и процеси пред да започне производството, наводно е одложен, што потенцијално може да го одложи типичниот септемвриски датум на објавување на најновите модели на iPhone за неколку недели.
Вообичаениот распоред на Apple предвидува дека производителите ќе го завршат EVT до крајот на јуни, но барем еден модел доцни три недели, што значи дека нема да биде достапен на денот на официјалното лансирање на производот, освен ако производителот не успее да ги надомести доцнењата. Вакво сценарио е предвидено во случај да нема нови мерки што би можеле да се воведат.
Составувачот на IPhone Pegatron Corp ја прекина работата во своите фабрики во Шангај и Куншен на почетокот на оваа година поради ограничувањата воведени поради пандемијата на коронавирус, а локдаунот во Шангај е на сила веќе седум недели.
„Изгубеното време е тешко да се надомести, иако Apple и неговите добавувачи постојано работат на забрзување на развојот, дури и кога темпото на „отворање“ на Шангај е прилично бавно“, вели извор близок до еден од добавувачите.
Глобалниот недостиг на чипови, исто така, придонесува за доцнењето, бидејќи Apple има силна конкуренција, од автомобилската индустрија до индустријата за оружје, а залихите на екрани се оскудни, како и залихите на чипови за напојување. Половина од најдобрите 200 добавувачи на Apple се во области каде што е на сила локдаун, а тоа може да ја „чини“ компанијата од 6 до 10 милиони примероци на iPhone пред планираното лансирање на новиот модел.
Apple веројатно нема да го одложи лансирањето на уредот, ќе го одржи настанот според планираното, но продажбата ќе започне кога iPhone 14 ќе биде подготвен за пазарот.
Се уште не се објавени детали за iPhone 14, но се шпекулира дека има поквалитетна предна камера, поиздржлива конструкција и малку поинаков екран. Исто така, се очекува овој пат да нема „мини“ модели, туку фокусот да биде ставен на поголемите мобилни телефони така што моделите со послаби и врвни спецификации ќе доаѓаат во две големини. Исто така, се очекува Apple да ја укине и физичката SIM картичка со доаѓањето на новиот модел.
Поврзани артикли