Играта PUBG: Battlegrounds, односно нејзините верзии за компјутери и конзоли, заработува многу повеќе откако стана бесплатна во јануари, се вели во финансискиот извештај на Krafton.

Продажбата поврзана со верзијата за компјутер порасна за 61 отсто на 82,3 милиони долари, а во случајот со конзолата скокот е уште поголем од 124 отсто од претходниот квартал и 274 отсто од претходната година. Точната сума овој пат не беше објавена. Исто така, играта забележа речиси три пати повеќе месечни активни корисници во споредба со четвртиот квартал од 2021 година.

PUBG: Battlegrounds првично се плаќаше откако излезе во 2017 година, но финансискиот успех на бесплатните игри како Fortnite, Call of Duty: Warzone и Apex Legends докажа дека овој модел може да биде исклучително профитабилен. Компанијата EA минатата недела соопшти дека Apex Legends, кој е на пазарот нешто повеќе од три години, досега има заработено повеќе од 2 милијарди долари. Epic собра 144 милиони долари за да и помогне на Украина за само две недели преку Fortnite.

Затоа и Krafton се одлучи да ја понуди играта PUBG: Battlegrounds бесплатно. Помош во одлуката секако беше играта PUBG: Mobile која отсекогаш била бесплатна. Играта беше преземена милијарда пати и заработи 307,1 милиони долари во првиот квартал од 2022 година. Ова е зголемување од 5 проценти во однос на истиот период лани.