Компанијата има намера да го зачува пазарот на физички игри во ера во која примат преземаат исклучиво дигитални конзоли.
Microsoft аплицираше за нов патент, систем кој ќе им овозможи на играчите да користат друг уред (постара конзола Xbox или компјутер) за да ја потврдат сопственоста на физичка игра, а потоа да добијат лиценца за дигитално играње на насловот, без физички диск.
Ова може да биде корисно за оние гејмери кои ја купуваат конзолата Xbox Series S, бидејќи овој уред поддржува само дигитални игри и нема диск драјв.
Не е познато дали овој метод би им овозможил на корисниците да имаат постојана лиценца за дигитални игри или таа лиценца би истекла по одреден временски период. Исто така, не е познато дали системот за верификација ќе бара екстерен диск драјв и што би се случило со дискот по добивањето дигитална лиценца.
Иако има некои прашања кога станува збор за плановите на Microsoft за овој патентиран систем, се чини дека тој е повеќе ориентиран кон корисниците во однос на оригиналните планови на Microsoft за Xbox One.