Европскиот парламент усвои нови правила поврзани со воведување стандарден полнач за мали електронски уреди како паметни телефони и таблет компјутери.

Новиот закон ќе стапи на сила есента 2024 година, така што USB од типот C ќе биде стандардна порта за полнење паметни телефони, таблет компјутери, е-ридери, тастатури, компјутерски глувци, GPS уреди, дигитални камери, слушалки, headset уреди, рачни конзоли за игри и преносни звучници. Од 2026 година, USB-C ќе стане норма и за полначи за лаптоп.

Законот беше усвоен со големо мнозинство, 602 гласа „за“, 13 „против“ и 8 воздржани.

„Ова едноставно решение ќе заштеди илјадници тони електронски отпад секоја година, ќе го олесни континуираното користење на старата електроника, ќе го подобри искуството на потрошувачите и ќе ги намали непотребните трошоци“, рече малтешкиот европратеник Алекс Агиус Салиба. Тој се надева дека ЕУ ќе даде пример за остатокот од светот.

Уникатниот полнач не е добар само за животната средина, туку и за паричниците на потрошувачите, тврди извршната потпретседателка на Европската комисија Маргарет Вестагер.

„На овој начин ќе заштедиме најмалку 250 милиони евра годишно“, додаде таа.

Полначите создаваат меѓу 11.000 и 13.000 тони електронски отпад секоја година, покажуваат податоците на Европската комисија, а новите правила драстично ќе ја намалат таа количина. Сепак, таа капка е сепак капка во океанот на е-отпад, бидејќи во 2019 година во ЕУ беа собрани вкупно 4,5 милиони тони.

Со години, производителите на паметни телефони се спротивставуваа на предлогот за стандардизирање на технологијата за полнење. Пред десет години, индустријата постигна договор со Комисијата и се обврза да го намали бројот на различни технологии за полнење. Ова доведе до одреден напредок, но сепак беше недоволен во очите на Парламентот, кој во 2020 година ги удвои своите повици до Комисијата да предложи закон за регулирање на ова прашање.

„Ова не е крајот на приказната. Мораме да ја следиме еволуцијата на технологиите за полнење. Ќе видиме дали ќе има потреба да се подобри искуството на потрошувачите, да се намалат трошоците и да се подобрат еколошките перформанси, а тоа ќе ни овозможи да размислиме за проширување на обемот“, рече Вестагер.

По стапувањето во сила на директивата, Комисијата ќе има рок од две години да излезе со нови правила за регулирање и стандардизирање на технологиите за безжично полнење.

Трите институции на ЕУ се договорија за деталите од директивата за заеднички полначи уште во јуни.

Владите на ЕУ сега мора да го дадат своето конечно одобрение, што се очекува за време на состанокот на Советот за животна средина закажан за 24 октомври. После тоа, законот ќе стапи на сила, а земјите од ЕУ имаат рок од шест месеци да го транспонираат во нивните национални закони.