Американскиот визионер, милијардер, основач и извршен директор на SpaceX, Илон Маск, верува дека луѓето ќе стапнат на површината на Марс до крајот на оваа деценија.
Маск изнесе ново амбициозно тврдење во интервју за CNBC кога рече дека луѓето ќе ја „допрат“ почвата на Црвената планета пред крајот на оваа деценија.
„Мислам дека тоа ќе се случи во оваа деценија. Луѓето ќе бидат на Месечината уште порано. Мислам дека треба да направиме голема испорака на површината на Марс, а потоа луѓето ќе почнат да размислуваат повеќе за тоа. Пет или шест години подоцна, луѓето ќе сфатат дека Марс е вистинското место за посета“, рече Маск.
Патувањето до Марс, рече тој, ќе биде овозможено со ракетата Starship на SpaceX.
Starship е дизајниран да биде ракета/вселенско летало за повеќекратна употреба што ќе пренесува екипаж и товар до Месечината и Марс, како и нивно враќање на Земјата. Наводно, Starship е толку напреден што сериозно ги загрижил конкурентите.
SpaceX моментално се приближува кон првиот орбитален пробен лет на Starship, а лансирањето ќе се изврши од фабриката Starbase во Тексас. Меѓутоа, за да се случи тоа, Федералната управа за авијација на САД мора да спроведе еколошка проценка на активностите на Starbase.
Таа проценка требаше да се направи до крајот на 2021 година, но неколку пати беше одложувана. Новиот датум е 31 мај, но тоа не значи дека Starship сè уште нема планирана мисија.
Во 2018 година, јапонскиот милијардер Јусаку Маезава потврди дека резервирал лет со Starship околу Месечината за 2023 година. Во меѓувреме, американската вселенска агенција НАСА го избра Starship за прв екипаж на лунарниот лендер во рамките на својата програма Артемис, а таа мисија е планирана за 2025 година. Целта на мисијата е да се истражи јужниот пол на Месечината.
Поврзани артикли