Група креатори и колекционери на NFT наскоро ќе имаат можност да ги прикажат своите незаменливи токени на Инстаграм.

Марк Цукерберг, извршен директор на Мета, потврди дека компанијата тестира NFT на својата платформа, а слична функција наскоро ќе биде достапна и за Фејсбук.

Шефот на Инстаграм Адам Мосери додаде дека помала група корисници од САД ќе имаат можност да прикажуваат NFT на нивните фидови, приказни и пораки.

Деталите за NFT се прикажуваат на сличен начин во означените профили и производи и се нарекуваат „дигитални колекционерски предмети“. Со кликнување на ознаката ќе се прикажат детали, како што се името на создавачот и сопственикот.

Мосери истакнува дека тестот е помал, за да може Инстаграм да учи и да собира повратни информации од заедницата.

Првично, поддршката ќе биде понудена за NFT базирани на блокчејнови Ethereum и Polygon, додека Solana и Flow ќе бидат додадени подоцна.

Се наведува дека поддршката за NFT на Инстаграм може да помогне да се доближи технологијата до поширок круг на луѓе.