Генералниот директор на руската вселенска агенција Роскосмос, Дмитриј Рогозин потврди дека Русија ќе ја напушти Меѓународната вселенска станица.

Рогозин рече дека Москва одлучила да ја напушти ISS поради економските санкции наметнати на Русија по инвазијата на Украина. Овој потег го означува крајот на ерата на глобална соработка и кулминација на лошите односи.

САД и Русија веќе направија планови за иднината кои не ја вклучуваат застарената ISS, а Русите претходно јасно ставија до знаење дека имаат намера да ги продолжат своите вселенски операции без да соработуваат со Американците.

Руските новински агенции Тасс и РИА Новости објавија дека изјавата на Рогозин е исто така официјална одлука.

„Одлуката е веќе донесена и не сме обврзани јавно да зборуваме за тоа, само едно можам да кажам, согласно нашите обврски, ќе ги информираме нашите партнери за прекин на нашата работа на ISS со објавување една година порано“, рече Рогозин.

Набргу откако Русија го започна нападот врз Украина кога САД и глобалните сили воведоа санкции кон Русите, Рогозин рече дека Американците би можеле да вршат вселенски лансирања користејќи „метли“ бидејќи повеќе не можат да се потпираат на руските ракети „Сојуз“. Тој ги осуди санкциите на Западот и најави прекин на соработката со американската вселенска агенција НАСА и европската вселенска агенција ЕСА.

Американскиот милијардер и визионер Илон Маск изјави дека неговата компанија SpaceX може да помогне во функционирањето на ISS.

Соопштението на Роскосмос го означува крајот на успешната научна соработка меѓу Москва и Вашингтон. Русија, САД, Канада, Јапонија и ЕСА соработуваат на ISS од 1998 година.

Минатата година Русите ги објавија плановите за нивната вселенска станица, која треба да биде оперативна од 2025 година. Од друга страна, Американците имаат намера да ја користат ISS до 2030 година, но застареноста на неговиот хардвер значи дека тој се ближи кон крајот и дека конечно ќе го достигне својот крај со контролирано влегување во земјината атмосфера над еден од океаните. САД планираат соработка со Blue Origin, Lockheed Martin и други со цел да ги реализираат плановите за лансирање на приватни вселенски станици во орбитата.