Компанијата SpaceX напредува во развојот на Starship, својата најголема ракета досега, а извршниот директор Eлон Маск е убеден дека таа ќе биде лансирана во орбитата следната година.

Маск ги откри информациите за Starship за време на виртуелниот есенски состанок наречен SpaceX Starsship Discussion, на кој одговараше на прашања. Тој рече дека компанијата сака да ги заврши работите на рампата за лансирање и кулата во базата Starbase, која се наоѓа во Бока Чика, Тексас до крајот на месецот, а првиот орбитален лет на Starship е планиран за јануари 2022 година. Ова треба да биде проследено со десетици лансирања во текот на следната година.

Но, тоа не значи дека Starship навистина ќе стигне во орбитата во јануари, бидејќи самиот Маск е претпазлив во своите изјави, иако понекогаш беше премногу оптимист во претходните проекти.

„Постои голем ризик кога станува збор за првото лансирање, така што не можам да кажам дека ќе биде успешно, но мислам дека направивме голем напредок“, рече Маск.

Пречка за лансирањето во јануари е дозволата на регулаторот. Во моментов во SpaceX се спроведуваат еколошки проценки во соработка со Федералната управа за авијација. FAA претходно соопшти дека ќе ги заврши своите активности до 31 декември, а ако се оди според планот, лансирањето во јануари е најраниот можен датум.

Маск истакна дека за две години ќе почне да ги продава лансирањата на Starship по пониски цени во споредба со Falcon 9, што е порано во однос на предлогот на SpaceX за системот HLS на NASA. Компанијата го доби договорот за развој на HLS системот, што ќе превезува луѓе на Месечината за прв пат по програмата Аполо. Враќањето на луѓето на Месечината е дел од програмата Артемис на NASA, а е планирано за 2025 година.

Проектот Starship брзо напредува и го вклучува вселенско летало Starship и ракетата Super Heavy која ќе може да пренесе повеќе од 100 тони товар во вселената. Маск процени дека на човештвото му се потребни околу 1.000 ракети за да го направи животот мултипланетарен. SpaceX веќе има фабрика за масовно производство на ракети.

Во мај SpaceX го тестираше 15-от прототип на Starship, кој успешно полета и слета исправено. Ова е воедно и првиот тест што ракетата го поминала без оштетување.