Смартфоните сè уште тешко можат да се расклопат. Но, научниците, еколошките активисти и некои политичари сакаат да ја прекинат практиката на концернот, кој често има за цел да го расипе стариот, па потрошувачот да купи нов.

Компанијата „Шифт“ од германската провинција Хесен, која го направи телефонот Shiftfon, тврди дека успеала драстично да го намали отпадот, преку делови кои се заменливи. Таа е прва што воведе депозит на уреди во 2016 година. Компанијата собира потрошени апарати и за тоа плаќа депозит, но и проценета вредност.

Целта е да се поправат телефоните што ќе се произведуваат во наредните години или барем да се идентификуваат деловите што можат повторно да се користат. Има неколку компоненти кои повеќе не можат да се користат воопшто. Предуслов за вакво рециклирање е модуларната структура на телефонот, бидејќи секоја компонента е заменлива.

Во дизајнот е тајната

Марина Проске и Карстен Шишке од Институтот Frauenhofer за доверливост и микроинтеграција истражуваат начини на кои може да се продолжи животниот век на мобилните уреди, а имаат воспоставено соработка и со компанијата „Шифт“.

Како еден од условите за можноста за поправка на телефони и таблети, тие го видоа модуларниот дизајн, кој постои кај компјутерите одамна.

„Дизајнот на Shiftfon овозможува да се заменат дури и најмалите делови. Затоа поправката е исклучително поволна кога ќе се најдат нови делови“, вели Проске, додавајќи дека времето е важен фактор кога станува збор за трошоците за поправка.

Затоа е од големо значење како се наредени деловите. Кај многу телефони потребно е да се отстранат многу делови пред да се најде неисправниот. Проске смета дека дизајнот треба да се поедностави.

Елиминирајте ги телефоните што не се поправаат

Најчесто се оштетуваат батериите и екраните. Нивната замена треба да биде толку лесна што дури и лаици ќе можат сами да го направат тоа, рече Проске.

Покрај тоа, потрошувачите често се грижат дека нивните податоци нема да се изгубат кога ќе го дадат телефонот на техничари за поправка. „Често им се враќа уредот на кој се е избришано. Затоа е подобро секој да може да си го поправи апаратот дома“, вели таа за ДВ.

Сепак, овој дизајн носи ризици, бидејќи поправките може да ја намалат отпорноста на вода и прашината, како и да го оштетат делот за безжичен полнење.

Резултатите од студијата спроведена од Институтот сега се вградени во европското законодавство. Европската комисија работи на соодветни регулативи за паметни телефони и таблети, а за првпат тие ќе вклучат барања за дизајн на производи, достапност на резервни делови, траење на батеријата и други мерки насочени кон продолжување на работниот век.

„Минимумот е дека уредите што не можат да се поправат повеќе да не се ставаат на пазарот“, рече Карстен Шишке, еден од експертите кои учествуваа во студијата.

Ознаката за поправка која би била слична на другите препознатливи етикети на телефонот би послужила да му покаже на клиентот на кое ниво е уредот кога станува збор за замена на делови.

Дали оценките за поправка се доволно строги?

На почетокот на 2021 година, Франција воведе слични критериуми за телевизори, паметни телефони, лаптопи, машини за перење и косилки. Самите производители им даваат на своите производи оценка меѓу 1 и 10. Една година подоцна, Организацијата за заштита на потрошувачите спроведе истражување и откри дека повеќе од половина од потрошувачите ја земале предвид можноста за поправка при донесување одлука за купување.

„Некои производители и трговци на мало дојдоа до идеја да креираат и прикажуваат индекси за поправка. На пример, тие обезбедуваат повеќе документи за поправка или нудат можност за полесно нарачка на резервни делови“, велат од организацијата.

Сепак, производите со низок рејтинг се ретки. Ова значи или дека повеќето уреди можат лесно да се поправат или дека сегашниот систем за оценување не е доволно строг. Бидејќи во проценката се вклучени неколку аспекти, таа може да биде висока, иако еден критериум, како што е расклопувањето на уредот, дополнително ја комплицира поправката во пракса.

Според Организацијата за заштита на потрошувачите, има добри, па дури и многу добри вкупни вредности за тестираните телефони на Apple и Samsung.

„Меѓутоа, расклопувањето на уредите што се тестираа беше сериозно отежнато од заварени или залепени компоненти“.

Поправките повеќе не треба да бидат скап исклучок, туку правило, според германското здружение за животна средина и заштита на потрошувачите. Треба да се намалат и трошоците за поправка.

Тие бараат и намалување на ДДВ за поправки од германската влада. Засега, сојузната покраина Тирингија е единствениот пример на покраина која доделува 50 отсто од субвенциите до 100 евра годишно за електрични апарати.

Сервисерите припаѓаат на познати трговски улици

„На граѓаните им требаат даватели на услуги за поправка во нивната средина, каде што имаат доверба“, рече Џонатан Шот од Здружението за животна средина и заштита на потрошувачите.

За занаетчиите, сепак, влегувањето на овој пазар во моментов едвај се исплати, а многу долгогодишни компании за поправка не можат да најдат нови работници. Монополот што го имаат производителите на резервни делови и софтвер и недостигот на пристап до техничката документација го отежнуваат работењето на малите компании за поправка.

Многумина немаат можност да видат како може да се демонтира и поправи скршен уред. Кампањата на Гринпис сака да го промени тоа.

„Eдна десетина од малопродажниот простор во Германија до 2030 треба да припаѓа на продавници кои обезбедуваат алтернатива за купување на нов“, вели Виола Фолгемут, експерт за управување со рециклирање и зачувување на ресурсите. Ова вклучува поправки, пазари за изнајмување и размена на предмети, како и продавници за половни и поправени стоки.

„Важно е овие продавници и пазари да се наоѓаат во самиот центар на градот“, вели таа. Сервисите припаѓаат на централните адреси, на пример во познатите трговски улици како што се франкфуртската Цејл или хамбуршката Монкебергштрасе. Градовите би можеле да го постигнат тоа преку даночни олеснувања, субвенционирани кирии и други стимулации.

Затоа Гринпис моментално бара општинска заедница со која би можела да покрене иницијатива за намалување на отпадот.