Во текот на 2021 година, инженерот Кен Пилонел го создаде првиот iPhone во светот со функционална USB-C порта. Неговиот најнов проект сега ни го носи првиот Android телефон со Lightning конектор.
Во видеото кое го објави Пилонел, тој истакнува дека уредот е создаден повеќе како забавен проект и намерно го објавил на 1 април.
Сепак, самиот проект не е шега и не било лесно да се реализира. Lightning приклучокот на Android телефонот (во овој случај Samsung Galaxy A51) е целосно функционален, како за полнење, така и за пренос на податоци.
„Lightning каблите што ги продава Apple не се глупости. Тие полнат само уреди на Apple. Па морав да најдам начин да го измамам кабелот да „помисли“ дека е поврзан со уред на Apple. И целиот механизам мора да се вклопи во телефонот, што е само по себе предизвик за мене“, изјави Пилонел.
Пилонел истакнува дека не очекува некој нормален да му го направи ова на својот уред. Тоа го направил само за да види дали е возможно и да за да се забавува.