Виртуелните банкарски картички за дигитални плаќања преку паметен телефон би можеле да бидат нов исчекор на Google во fintech секторот, со кои сакаат да ги престигнат конкурентите на тоа подрачје.

Изворите добро упатени во развојот на настаните во финансискиот и технолошкиот сектор во САД, за TechCrunch откриваат дека Google наскоро може да направи нов потег насочен кон fintech. По услугата Google Pay, што овозможува дигитално бесконтактно плаќање со смартфон, технолошкиот гигант планира да издаде и сопствена дебитна картичка. Со неа има план да го „нападне“ својот вечен ривал Apple, кој од минатата година ја има својата Apple Card.

Google наводно соработува со неколку американски банки на овој проект, и штом еднаш ќе ја лансира картичката, компанијата планира тесно да ја поврзе со Google Pay услугата. Имено, ќе се обиде да ги натера корисниците да ја користат својата Google картичка со мобилниот систем за плаќање на компанијата, што би овозможило пошироко подрачје на примена и поголема присутност на Google во „паричникот“ на своите корисници.

За разлика од Apple Card која претставува кредитна картичка, Google засега планира да ја има само дебитната, но и таа би можела да им донесе нови приходи и нови корисници. Освен плаќањето со паметен телефон и физичка дебитна картичка, Google преку својата нова финансиска апликација би можел да овозможи и следење на потрошувачката, испраќање на пари до пријателите и други модерни fintech услуги, кои што ги нудат Revolut и слични сервиси.