Многу технолошки компании се подготвуваат за иднината во која луѓето ќе поминуваат време во виртуелни светови. Додека во реалниот свет лицето ќе седи на кауч или на стол со очила на главата, во виртуелниот свет можеби посетува некои егзотични дестинации како (дигитални) Малдиви, ќе ужива во забави во дигитални вили и слично.

Еден од проблемите на ваквите виртуелни светови, или искуства во нив, покрај тоа што не се реални и што се само дигитални проекции што ги доживуваме затворени во своите четири ѕида, е тоа што нештата во нив не се чувствуваат.

Но, јапонскиот стартап „Х2Л Технолоџис“, во кој инвестираше и „Сони“, сака да го промени тоа. Моментално стартапот развива технологија, односно ракавица која ќе овозможи работите од виртуелниот свет да се почувствуваат и во реалниот свет. Меѓу другото, преку овие ракавици и благите електрични удари што ќе ги предизвикаат, посетителите на виртуелните светови ќе можат да почувствуваат вистинска, физичка болка.

Се разбира, ракавицата не е направена само за човек да почувствува болка, туку дава и чувство на отпор и притисок, што го зголемува присуството во виртуелните светови и дополнително ги намалува границите помеѓу ваквите виртуелни искуства и реалниот свет. На тој начин корисниците ќе имаат чувство дека фаќаат виртуелна топка, ќе можат да почувствуваат како виртуелната птица јаде од нивната рака итн.

Како што изјави извршната директорка на компанијата, Еми Тамаки, нејзините амбиции се многу поголеми од самата ракавица, што ќе ни овозможи да чувствуваме виртуелни работи. Таа сака да ги ослободи луѓето од сите форми на ограничување во однос на просторот, телото и времето во следната деценија.

Со оглед на тоа дека очекувањата од метаверзиите се големи, јасно е дека во иднина може да очекуваме нови технологии кои треба да овозможат сето она што луѓето го доживуваат во виртуелните светови да биде што е можно послично со искуството во реалниот свет.

Извори: Zimo.hrFuturism