IBM веќе со години нема направено ниту еден уред за крајниот корисник (паметен часовник, телефон, таблет или компјутер), но тоа не го спречи да патентира идеја, која можеби ќе биде употребена некогаш во иднина. Впрочем, оваа компанија веќе со децении важи за IT компанија со најголем број на патенти. Една од нивните последни идеи е паметен часовник способен физички да се трансформира во телефон или таблет, кој ќе се носи на рака. На денешното ниво на технолошки развој, таков производ не е можно да се направи, но кој знае, можеби еден ден ќе стане реалност.

Патентот се однесува на паметен часовник со екран без рамки, нешто поголем од моментно актуелните димензии на екраните на слични уреди. Разликата е во тоа што екранот може на некој начин да се “мултиплицира” четири или осум пати, со што ефективно се зголемува неговата површина и резолуција. Во објаснувањето на овој концепт IBM вели дека за зголемувањето на екранот користи слајдер, а дека дополнителните екрани се “спакувани” под основниот.

Мислењето е дека ваквиот производ сигурно нема да го видиме на пазарот во наредните години, но тоа не го спречува IBM да патентира дури и идеи, кои денес можеби можат да се сметаат и за глупави. Стратегијата на оваа компанија е да ги наградува вработените, чии патенти ќе бидат прифатени, бидејќи на тој начин се создава база за евентуално идно лиценцирање на патентираната технологија, но и за судски тужби за наовластена употреба на патентите.