Продавниците на Apple и овластените сервиси ќе проверуваат дали уредите за поправка се на листата на изгубени или украдени уреди.

Apple одлучи да спроведе нови безбедносни мерки според кои ниту еден iPhone што сопствениците го означуваат како украден или изгубен нема да може да се поправи. Според информациите од сајтот MacRumors, внатрешно писмо од Apple ги упатува вработените да не ги поправаат телефоните кои биле означени како украдени во одреден момент, или оневозможени од сопственикот од оддалечена локација.

Се чини дека се работи за чекор на кој Apple се одлучи со цел да ги обесхрабри крадците, имајќи предвид дека iPhone уредите најдолго ја задржуваат својата вредност. Apple е познат по безбедносните мерки што ги спроведува на своите телефони, а една од нив е можноста за заклучување од далечина.

Вака заклучените телефони (Activation Lock) се поврзани со сметките на нивните сопственици и невозможно е да се отклучат без нив, барем преку легални канали. Заклучениот iPhone можеше да се отклучи само преку сметката на сопственикот или преку некој што имал пристап до GSMA регистарот – препродавачи на Apple или луѓе кои за пари го промениле статусот на овие телефони во регистарот.

Кога некој iPhone е украден, тој е означен како украден во GSMA регистарот на уреди, меѓународна база на податоци што содржи информации за украдени и изгубени телефони. Регистарот GSMA се потпира на IMEI кој е единствен за сите уреди и кој им овозможува на компаниите како Apple да проверат дали телефонот е означен како украден или изгубен кога е однесен на поправка.