Компанијата Microsoft планира да воведе нова функционалност во своите оперативни системи, Windows 10 и Windows 11, како и за Windows Server 2016. Microsoft Defender, иако најосновен, е меѓу најпопуларните програми за заштита на компјутерите од малициозен софтвер и вируси, па затоа не е изненадувачки што оваа компанија работи на подобрување на својата функционалност.

Новата можност што ќе ја добие Windows Defender се нарекува Vulnerable Driver Blocklist, а главната цел ќе биде да го заштити системот од потенцијално злонамерни драјвери, како и од оние драјвери кои може да имаат пропуст што би овозможил експлоатација и безбедносни грешки и пристап до системот.

Потпретседателот за безбедност на оперативниот систем на Microsoft, Дејвид Вестон го најави доаѓањето на оваа функција во својот твит „Овозможете поагресивен пристап за блокирање на малициозни содржини што вклучуваат опасни драјвери“.

Оваа функционалност автоматски ќе биде овозможена во оперативните системи Windows 10 кои се во режим S, како и на други мобилни уреди кои имаат функционалност наречена Memory Integrity Core Isolation.