Кина планира да им дозволи на туристи да ја посетат нејзината вселенска станица „Тјангонг“ во следната деценија. Меѓутоа, планот е условен од побарувачката.

– Не станува збор за технологија, туку за побарувачка. Може да се реализира за помалку од една деценија сè додека има побарувачка – изјавил Јанг Лиевеј, астронаут и владин советник.

Џоу Џианпинг, кој е главен дизајнер на вселенската програма за луѓе на Кина, ги потврдил ставовите на Лиевеј и изјавил дека вселенската станица може да биде отворена за комерцијални посетители.

Пред сето тоа Кина треба да ја заврши својата вселенска станица. Земјата планира да испрати шест ракети за додавање нови модули на станицата годинава. Кина работи и на создавање ракета која може да се користи повеќепати, како онаа на „Спејс-екс“.

Во последниов период сведочевме за повеќе иницијативи за испраќање луѓе кои не се астронаути во вселената. Сето тоа покажува дека глобалната вселенска индустрија се движи во комерцијална насока и вселената станува подостапна за сите.