Huawei P50 Pro со спектакуларните камери, неверојатната автономија на батеријата и совршениот EMUI 12 интерфејс претставува еден од најкомплетните флегшип паметни телефони во светот
Текст и фото: Никола Бурагев
Свесни сме колкава трага остави зад себе Huawei, јасно ни е колку се уште се зборува за некои навистина одлични смартфони на овој производител, но да бидеме искрени, не очекувавме толкава доза на љубов, надеж и поддршка за новиот модел на овој производител и тоа по толку долга пауза. Само една објава, една фотографија од кутијата на P50 Pro на социјалните мрежи покажа колку Huawei сè уште има свои поддржувачи. Компанијата го заслужува тоа внимание, поради сè што направи како еден од моторите на развојот на мобилните телефони што ги познаваме денес – и не го заслужува тоа што и се случува во моментов.
Повеќе од една година немавме на располагање ниту еден телефон на Huawei од високата класa: последен пат тоа беше случај со Mate 40. За моделот кој сега имавме чест и задоволство да го тестираме, во еден момент престанавме да се надеваме, со оглед на тоа што на домашниот пазар на оваа компанија беше претставен пред повеќе од шест месеци, но во Европа пристигна дури сега. Колку Huawei P50 Pro може да се спореди со конкуренцијата? Тука сме да пробаме да понудиме одговори на ова прашање…
Дизајн
Што се однесува до дизајнот на телефонот, тој е апсолутно на свое место и изработен е во манирот на компанијата Huawei, кој квалитетот на изработка го става на приоритетно место. Факт е дека изгледот на уредот го карактеризира она по што телефонот се разликува од конкуренцијата. Првото нешто што го забележавме кај Huawei P50 Pro, споредувајќи го со Mate 40 Pro и P40 Pro моделите се горните и долните страни на куќиштето. Кај претходните модели тие беа малку заоблени, а на новиот модел тие се рамни, така што уредот можете без проблеми да го поставите на подлога за да стои исправено.
Се забележува препознатливата странична линија на куќиштето, но и мало отстапување од Mate 40 Pro во однос на копчињата од десната страна. Тие и натаму се наоѓаат на дофат на палецот и имаат одличен клик, а копчето за вклучување не е целосно црвено туку има мала црвена ознака во средината. Промената што ја споменуваме не е во бојата, туку во малото поместување на копчињата кои порано беа поблиску до задниот дел отколку до самиот екран, а сега се точно на средина како што би требало.
На дното на уредот има USB-C порт, лево од него е главниот микрофон, а десно еден од двата звучника. Другиот се наоѓа на горниот дел од куќиштето, иако се чувствува како дел од звукот да доаѓа и од слушалката. На самиот врв има уште и инфрацрвено светло кое може да послужи како универзален далечински управувач. Задната страна е сјајна и кога е чиста изгледа прекрасно. Доминираат камерите сместени во два засебни круга, слично како на Nova 9 и дефинитивно оставаат импресивен впечаток. Претходните позадини беа матирани и тешко оставаа отпечатоци од прсти, но оваа сјајна завршница бара многу повеќе одржување за да остане чиста. Уредот има револуционерен дизајн на Dual-Matrix Camera, што го направи препознатлив уште пред почетокот на продажбите ширум светот. Уредот е достапен во две бои – Cocoa Gold и Golden Black.
Екран
Huawei P50 Pro го краси фантастичен OLED дисплеј растегнат на дијагонала од 6,6-инчи, но уредот делува помал поради закривените рабови. Резолуцијата изнесува 1228×2700 пиксели, што резултира со високи 450 ppi. Баш како и кај Nova 9 моделот, освежувањето на дисплејот достигнува до стапка од 120 Hz, иако корисникот може да дефинира фиксни 60 или 120 Hz, доколку сака да заштеди на батерија или refresh rate секогаш да биде на максимум. Екранот го карактеризира многу остар приказ и исклучително добро осветлување.
Дисплејот е најдобриот досега во некој смартфон на Huawei што досега сме имале прилика да го испробаме. Има можност да прикаже милијарда бои, односно 10-бита, но има и поддршка за HDR10+, исто како и кај конкурентните топ модели. Гејмерите освен во 120 Hz стапка на освежување, ќе уживаат и во 300 Hz стапката на освежување на допир, а оние кои сакаат да уживаат во Netflix или општо гледајќи филмови, серии и разни видеа на интернет ќе го ценат и максималното осветлување од 750 нита, но и најниските 1,7 нита при целосна темнина. При директно сонце, екранот е со одлична видливост, а во темни услови дисплејот нема да ве осветли како рефлектор. Треба да се напомене дека стаклото е заштитетно со одреден заштитетен слој како Gorilla Glass, но немаме податок за каква заштита се работи. Веруваме дека Huawei во ова незгодно време пронашол достојна алтернатива.
Перформанси и автономија
Станува збор за првиот флегшип смартфон на Huawei кој пристигна на рецензија, а да не го содржи легендарниот Kirin процесор на производителот. Да бидеме искрени, Kirin не беше секогаш најбрзиот чипсет, но фантастичниот баланс на можности, брзина и квалитетна оптимизација е најзаслужен за сето она што најдобро го паметиме кога се во прашање уредите на Huawei.
Huawei P50 Pro пристигнува со најбрзиот процесор на Qualcomm – Snapdragon 888, но без 5G функционалноста, од добро познати причини. Snapdragon 888 доаѓа во комбинација со 8GB RAM и 256GB простор за складирање, иако уредот се нуди во различни конфигурации. Се работи за исклучителен чип – сега имаме обратна ситуација, односно оптимизацијата на системот се врши според можностите на процесорот, а не како досега, внимателно да се избалансира и однапред да се подготви за се да легне на свое место. Што се однесува до перформансите, не треба да се трошат зборови. Едноставно се работи како што треба, а посебно сме импресионирани колкаво унапредување во поглед на перформансите добивме кога станува збор за ноќното фотографирање. Два до три пати е пократок овој процес отколку кај претходните премиум телефони на овој производител.
Во однос на загревањето при поинтензивна употреба на уредот, односно подолг гејминг, можеме да бидеме сосема задоволни и субјективното чувство говори дека ова е една од посолидните имплементации на Snapdragon 888 чипот по прашање на топлотната дисипација и многу подобра од некои други обиди. Телефонот станува малку топол, но не повеќе од тоа.
Како стојат работите по прашањето на потрошувачката, односно автономијата на уредот на дневна база? Некои имаат веројатно други можности на ум кога ќе помислат на телефоните на Huawei, голем дел веројатно прво помислуваат на камерите – но мора да се истакне траењето на батеријата, која не сме ја искусиле на ниту еден друг Android смартфон во последните неколку години. Тоа чувство е безгрижно во текот на целиот ден, колку и интензивно да го користевме уредот, и за жал ниту еден друг телефон не пружа доволно добра алтернатива на тој план. Иако постоеше мал страв како тоа ќе изгледа без Кirin процесор, тоа исчезна веќе по половина час.
Систем на камери
Кога станува збор за камерите, Huawei со генерации наназад, со речиси секој модел ги поместуваше границите, не само на своите уреди, туку и на комплетната индустрија. И повторно ќе нагласиме дека Huawei не само што секогаш успеваше да се надмине, туку и од конкуренцијата го извлекуваше она најдоброто и ги тераше да бидат подобри и поинвентивни.
Дали е така и овој пат? Унапредувања секако има, иако не баш во секој поглед. Во некои аспекти P50 Pro бриљира, баш како што и очекуваме од најновиот и најдобриот телефон на Huawei, но забележивме и некoи детали кои во директна споредба со минатогодишниот Mate 40 Pro се можеби и чекор наназад. Погледот на спецификациите, иако бројките не кажуваат се, открива дека тоа можеби беше и реално да се очекува. Најпрвин, главниот сензор е со идентични 50 мегапиксели, со иста ширина и со комбиниран фазен и ласерски автофокус и оптичка стаблизација, баш како кај Mate 40 Pro, но со нешто поголем отвор на блендата f/1.8. Бидејќи тука е и дополнителниот 40 MP f/1.6црно бел помошен сензор и секако Leica оптиката, за очекување е и перформансите на главната камера да бидат навистина добри.
Од друга страна, ултрашироката камера сега е 13MP f/2.2 наместо 20MP f/1.8, што значи помала бленда и помалку мегапиксели. Кај телефото камерата имаме 64MP наместо 12MP, но со 3.5х наместо 5x оптички зум, f/3.5 отвор на бленда и со истиот фазен автофокус и оптичка стабилизација. Секако, има и уште една битна разлика – процесирањето се потпира на Snapdragon наместо Kirin чипсет, што сигурно бараше прилагодување на сите алгоритми што Huawei со години внимателно ги дотеруваше и оптимизираше. Но, има и големи подобрувања, бидејќи ноќното фотографирање никогаш не било толку брзо како на P50 Pro.
Фотографиите од главната камера на дневно светло се извонредни, со високо ниво на детали, одлична острина и многу живи бои, кои се малку поатрактивни од оние што ги креира Galaxy S21 Ultra. Во некои ситуации тоа е доста очигледно, дури и во споредба со Mate 40 Pro, иако фотографиите од двата модела изгледаат слично. P50 Pro се чини го има најдобриот bokeh ефект, кога се фотографира нешто со поголема длабочина на сцената и заматување на позадината, а креира и нешто посветли фотографии.
Ултрашироката камера исто така создава многу добри фотографии, со атрактивни бои, солиден контраст и се нешто пошироки отколку на Mate 40 Pro, па воглавно и визуелно поубави. Сепак, има нешто помалку детали, што е разбирливо со оглед на помалата резолуција на сензорот, но не толку за да биде забележително. Севкупно, поради поголемата ширина, може да заклучиме дека ултрашироката камера на P50 Pro е всушност поупотреблива и покорисна. Во однос на телефото камерата, на умерено ниво на зум, односно оптички 3.5x креира остри и детални зумирани фотографии, а бидејќи се работи за нешто повеќе од стандардните 3x, за поголем дел од корисниците тоа ќе биде сосема доволно.
Делот каде што P50 Pro најмногу бриљира е ноќниот режим, кој изгледа подобро од било кога и тоа е она ниво на унапредување кое го очекувавме од овој уред. Делува дека ноќните фотографии снимени со P50 Pro повеќе влечат накај потопли бои (конкретно влијанието на црвената боја е позабележително), додека нa Mate 40 Pro се одликуваат со постудена, зелена нијанса. Треба да се истакне и дека ноќниот режим кај P50 Pro е доста побрз, па сликањето трае 2, наместо 6-7-8 секунди, а резултат се солидно остри фотографии со помалку зум и подобра репродукција на бои.
Софтвер
Иако многумина го очекуваа Harmony OS на смартфоните на Huawei во Европа, изгледа дека и натаму е резервиран само за Кина, или можеби и за одреден дел од Азија. P50 Pro работи со EMUI 12 интерфејсот и веројатно не би забележале разлика, бидејќи визуелно двата интерфејси се идентични. Сигурно постојат разлики во тоа како уредите се однесуваат користејќи EMUI или HarmonyOS, но тоа е навистина небитно, бидејќи P50 Pro се однесуваше врвно на нашиот тест.
Најголемата предност на EMUI во однос на останатите интерфејси е во екосистемот кој е на највисоко ниво кое некој Android производител го нуди во моментов. Досега неколку пати демонстриравме колку е лесно да се поврзат сите уреди на Huawei со само неколку кликови, а можностите на таа симбиоза се проширија со дополнителни трикови, каде одреден уред може да глуми главен уред и со него можете да контролирате како ќе се однесуваат останатите.
Прилично сме задоволни од сето она што го направи Huawei од софтверска гледна точка. Дури и самиот центар за брзи кратенки се чини дека убаво дизајниран. Добивме и нови „паметни мапи“, односно мапи со апликации на почетниот екран, со кои можете да ја регулирате големината. Со нив, корисниците добија уште една корисна опција за организација на почетниот екран. Поставките на уредот се убаво распоредени, а до сите контроли може да се дојде класично со помош на пребарувач. Сè работи многу добро, мултитаскингот е на исклучително високо ниво, а најмногу ни се допадна колку добро оперативниот систем ја штеди батеријата, без притоа да жртвува ништо што би забележале при секојдневната употреба.
И секако, ништо не може да помине без класичната приказна за недостаток на Google сервисите. Вистина е дека услугите на Google не се нативно инсталирани, но факт е дека можеме да ги заобиколиме, да ги инсталираме сите Google апликации (Gmail, YouTube, Google Maps, Google Drive, Meet…) и да ги користиме нормално како и на било кој друг смартфон. Се што ви е потребно е да ја инсталирате Gspace апликацијата од AppGallery продавницата на Huawei, да се најавите на неа со својата Google сметка и ќе го добиете Play Store од кој можете да ја инсталирате било која апликација што ќе посакате. На располагање се сите најпопуларни апликации, и тоа е навистина една голема промена во однос на сите досегашни методи.
Разликата е во тоа што по некое време, од одредени апликации нема навреме да пристигнуваат известувања. На пример, доколку инсталирате Gmail, мејловите нема да ви пристигнуваат навреме. Решението е да не ја инсталирате Gmail апликацијата, туку да користите било која друга мејл апликација и сите мејлови ќе ви пристигаат навреме. Само за споредба, WhatsApp, Instagram, Facebook, Viber и сите апликации кои најчесто ги користиме, побрзо добиваат известувања на телефоните на Huawei отколку на пример кај Samsung уредите. Покрај тоа, трошат помалку батерија бидејќи не се будат без причина. Според нашето искуство, тоа е подобро решено на уредот на Huawei, и иако постојат некои разлики, тоа се само ситници.
Финален впечаток
Дали P50 Pro ги оправда големите очекувања на публиката е вистинското прашање со мноштво индивидуални одговори. Она што можеме сигурно да го кажеме е дека Huawei P50 Pro е еден од најкомплетните смартфони во понудата кај нас. Нема да го набројуваме сето она што го нуди овој уред, бидејќи има многу позитивни работи што ги наведовме во оваа рецензија.
Забележуваме значителни подобрувања на софтверски план, го нема повеќе она – го немам ова или она – бидејќи имаме на располагање речиси се и до тоа се доаѓа на многу едноставен начин. Премногу сила на располагање и многу добри камери, но од наша перспектива еден од најдобрите и најбитните впечатоци е безгрижноста на користење, бидејќи со траењето на батеријата на еден ваков телефон, таквата грижа целосно исчезнува. Убаво е повторно да се види еден премиум смартфон на Huawei на рецензија и се надеваме дека P50 Pro е само еден во низата на идни модели кои повторно ќе играат битна улога во понудата на пазарот на паметни телефони.
На македонскиот пазар, HUAWEI P50 Pro е достапен во Нептун, Сетек, Техномаркет, Анхоч, и мобилните оператори Телеком и А1. Во пакетот се добива уште еден 66W Super Charge и заштитна маска за телефонот. Препорачаната цена на уредот за крајните потрошувачи е 65.999 денари, а ги добивате и безжичните слушалки Huawei FreeBuds 4i.
Huawei P50 Pro спецификации:
- Екран: 6,6-инчи OLED, 1228 x 2700, 450 ppi, 120 Hz, HDR10+
- Чипсет: Qualcomm SM8350 Snapdragon 888 4G (5 nm)
- CPU: Octa-core, 1 x [email protected] GHz + 3 x [email protected] GHz + 4 x [email protected] GHz
- GPU: Adreno 660
- RAM и меморија: 8 GB / 256 GB
- Задни камери: 50 MP True-Chroma камера (Color, f/1.8 aperture, OIS) 40 MP True-Chroma камера (MONO, f/1.6 aperture), 13 MP Ultra-Wide Angle камера (f/2.2 aperture), 64 MP телефото камера (f/3.5 aperture, OIS), support AF
- Предна камера: 13 MP Selfie камера (Wide Angle, f/2.4, autofocus)
- Батерија: 4360 mAh
- Полнење: HUAWEI SuperCharge (Max 66 W), Безжичен HUAWEI SuperCharge (Max 50 W)
- Поврзливост: 4G, Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/ac/6, dual-band, Wi-Fi Direct, hotspot, 5.2, A2DP, LE
- Оперативен систем: EMUI 12
- Димензии и тежина: 158.8 x 72.8 x 8.5 мм / 195 грама
- Цена: 65.999 денари
- Оценка 5/5