Компанијата Apple бара нови пазари за продажба на  iPhone, па покрена производство во Индија, која е главна цел во овој период.

Apple почна да го произведува својот смартфон во Индија, а првиот проект е производство на нај ефтиниот модел iPhone SE. Тоа е прв чекор на индискиот пазар, на кој долго се чекаше. Производството конечно почна, а го врши тајванската компанија Wistron. Испораките на купците се очекуваат овој месец.

Ова се значајни вести за Apple кој сака да се наметне на индискиот пазар во време кога „паѓа” продажбата на  iPhone. Но, за да направи успех во Индија, земја во која живеат 1,3 милијарди луѓе, компанијата мора да надмине многу предизвици. Првиот е тоа што според индискиот закон мора да користи 30 отсто од компонентите од локално производство, а другиот е пониска цена на уредите.

Просечната цена на смартфон во Индија изнесува 155 долари, додека iPhone SE најмалку чини 399 долари. На индискиот пазар моментално доминираат кинеските производители на смартфони, кои имаат удел од 50 отсто. Samsung е најголем бренд и контролира над една четвртина од пазарот, додека уделот на Apple не е поголем од 2 отсто.

Производството на iPhone во Индија ќе биде многу тешко, а препродавачите iPhone SE ги продаваат за 320 долари. Владата се надева дека цената ќе „падне” за 100 долари.