Компанијата Electronic Arts соопшти дека е во процес на отстранување на руските тимови и клубови од своите најпознати игри.

EA спроведува промени во игрите NHL 22, FIFA 22, FIFA Online и FIFA Mobile, а кога точно ќе се реализира процесот се уште не е познато. Сепак, познатиот издавач тврди дека процесот на отстранување е веќе во тек.

Одлуката е донесена во „договор со партнерите во ФИФА и УЕФА, како и во ИИХФ“. Овие раководни тела, кои управуваат со светскиот и европскиот фудбал и меѓународниот хокеј, неодамна ги исфрлија руските тимови од сите натпреварувања. Покрај руските екипи, NHL 22 ќе остане и без екипи од Белорусија.

„ЕА е солидарна со украинскиот народ и, како и многу други во светот на фудбалот, повикува на мир и крај на инвазијата на Украина“, се вели во соопштението на Electronic Arts.

Ова не е прв пат EA да прави промени во своите игри, бидејќи го смени претходното име на Вашингтон Командерс во Маден во 2020 година, а исто така го отстрани и тренерот на Лас Вегас Рајдерс, Џон Груден, по скандал со мејлови.