Руската вселенска агенција Роскосмос одби да ги лансира интернет сателитите на компанијата OneWeb, барајќи гаранции дека нема да се користат во воени цели и барајќи од Велика Британија да го продаде својот удел во компанијата.

Лансирањето на интернет сателитот OneWeb требаше да биде извршено утре со помош на руската ракета Сојуз, но тоа очигледно нема да се случи. Шефот на Роскосмос, Дмитриј Рогозин, изјави дека агенцијата ги посочила своите барања како одговор на санкциите што Велика Британија и ги воведе на Русија по инвазијата на Украина. Меѓу другото, Британците им забранија на руските бродови да влегуваат во нивните пристаништа и го санкционираа најголемиот дел од рускиот финансиски систем.

Сепак, британскиот секретар за бизнис и енергија Кваси Квартенг рече дека барањата на Роскосмос нема да бидат исполнети, со оглед на тоа што „нема преговори за OneWeb“, бидејќи британската влада „нема да го продаде својот удел“. Тој додаде дека во тек се разговори со другите акционери за да се договорат следните чекори.

Рогозин рече дека ќе и даде рок на Британија два дена да го промени својот став.

До денес, 428 сателити на OneWeb се лансирани во ниската орбита на Земјата со помош на ракетите Сојуз. OneWeb планира да обезбеди глобална интернет покриеност од вселената користејќи 648 сателити од првата генерација.

Во меѓувреме, SpaceX испорача сателитски интернет терминали Starlink во Украина по ветувањата на шефот на компанијата Елон Маск. Се верува дека украинската влада ќе го користи овој интернет за да остане онлајн за време на конфликтот.