На годинашниот MWC 2022 мобилен конгрес, Poco официјално ги претстави смартфоните кои посебно ќе им се допаднат на оние кои се во потрага по најдобри можни спецификации за што помалку пари. Станува збор за моделите X4 Pro 5G и M4 Pro, кои ќе бидат достапни за купување во црна, сина и жолта боја.

Според компанијата Poco, X4 Pro 5G им овозможува на корисниците флегшип корисничко искуство по цена од 299 евра за верзијата со 6GB RAM и 128GB простор за складирање и 349 евра за верзијата со 8GB RAM и 256 GB внатрешна меморија.

Poco X4 Pro 5G има 6,67-инчен AMOLED FHD+ 120 Hz DotDisplay дисплеј и одзив од 360 Hz. На задната страна на уредот има три камери – главна од 108MP, ултраширока 8MP и микро од 2MP. На предната страна има и селфи камера од 16 MP.

Уредот го покренува Qualcomm Snapdragon 695 5G чипсет, а за наводно 15 часа гледање видеа, тоа се должи на батеријата од 5.000 mAh која поддржува брзо полнење од 67 W, велат од компанијата.

Поевтиниот M4 Pro модел има 6,43-инчен AMOLED FHD+ 90 Hz DotDisplay дисплеј и одзив од 180 Hz. Работи со малку послаб MediaTek Helio G96 чипсет поврзан со 6 или 8GB RAM и 128 или 256GB простор за складирање

Од предната страна се наоѓа камера од 16MP, додека на „задната“ има три камери – главната е 64MP, ултраширока со 8MP и макро од 2MP. Батеријата од 5.000 mAh има поддршка за брзо полнење од 33W. Корисниците ќе треба да платат 219 евра за почетната верзија, додека помоќната ќе биде поскапа за 40 евра.