Еден од основачите на популарниот кинески производител на паметни телефони OnePlus, Карл Пеи пред две години го најави своето заминување од компанијата за чиишто нови смартфон модели се формираа редици како кога фановите на Apple чекаа да почне продажбата на новите iPhone уреди. По OnePlus, Пеи остана во технолошките води и на почетокот на минатата година го лансираше стартапот со интересно име – Nothing.
Компанијата досега претстави само еден производ – безжични слушалки, а има се повеќе (неофицијални) докази дека Карл Пеи планира да се врати на „домашен терен“, односно пазарот на паметни телефони. Nothing минатата година договори соработка со производителот на чипови Qualcomm, го презеде брендот Essential лансиран од „таткото на Android“ Енди Рубин (компанијата претходно го претстави Essential Phone), а им се придружи поранешниот главен дизајнер на Dyson, Адам Бејтс. Кога на тоа ќе го додадеме неодамнешниот твит објавен од Карл Пеи дека „се враќа на Android“, јасно е што е намерата на компанијата Nothing.
Со оглед на тоа што се уште не протекоа никакви детали, медиумите можат само да шпекулираат за Nothing Phone, и на страницата Android Central велат дека би можел да биде духовен наследник на OnePlus, како што беше некогаш. Значи, она што можеме да го очекуваме е уред со моќен хардвер и солидни можности за фотографирање што, со одреден компромис, би требало да донесе одличен сооднос цена-квалитет. Се шпекулира и дека самиот смартфон би можел дополнително да се разликува од конкуренцијата во поглед на дизајнот, бидејќи првиот и досега единствениот Nothing уред (безжични слушалки) е направен со проѕирно куќиште кое изгледа доста привлечно. Во ист или сличен правец би можел да биде направен и Nothing Phone.
Со оглед на тоа што конкуренцијата на овој пазар е многу голема, како и проблемите со синџирите на снабдување, ќе биде интересно да се види какви се плановите на Nothing и кои ќе бидат главните продажни адути на нивниот прв смартфон, а се чини дека би можел да биде еден од најинтересните телефони претставени оваа година.