Омикрон стана доминантен сој во повеќето земји од светот, а експертите се согласни дека предизвикува полесен облик на болеста, особено кај оние што се вакцинирани.

Но, токму во тоа е и „заканата“ – често сме склони да ги занемариме симптомите на овој сој или едноставно да ги припишеме на сезонската настинка.

Еден од вообичаените симптоми е и болката во грлото која не беше карактеристична за претходните варијанти на коронавирусот.

„Воспаленото грло или чувството на пецкање и гребење пред само неколку месеци лесно го занемарувавме, помислувајќи дека не е ништо страшно, но во оваа ситуација тоа би можело да биде ран показател на омикрон“, истакнал Панагис Галијатсатос, доктор за белодробна и интензивна нега во болницата Џон Хопкинс во Балтимор.

Студијата која на 14-ти јануари ја објави Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија покажува дека болката во грлото е најчестиот симптом помеѓу позитивните пациенти и е наведена како симптом во дури 53 отсто од случаите на лица кои се заразени со омикрон.

Ако сега се заразите со Ковид-19, постои голема шанса да имате воспалено грло без оглед дали сте вакцинирани или не, пишува порталот „Everydayhealth“.

„Неспецифичните симптоми како болка во грлото и течење од носот се јавуваат подеднакво и кај вакцинираните и кај невакцинираните лица. Имајте на ум дека вакцината против коронавирус не е наменета да ве заштити од тие симптоми, таа е наменета да ве заштити од тешките облици на болеста“, додава д-р Галијатсатос.

Болното грло не секогаш е последица на омикрон сојот и може да биде симптом на обична настинка или грип, но за жал нема друг начин како да утврдите за што станува збор освен да се тестирате.

„Луѓето кои имаат симптоми слични на грип или настинка треба да претпостават дека имаат коронавирус додека не се докаже спротивното. Ако сте барем малку болни, останете дома, тоа му го велам и на мојот персонал“, наведува д-р Алисон Арвади, начелник на Агенцијата за јавно здравје во Чикаго.

Извор: Kurir.rs