Samsung Galaxy S22, S22+ и S22 Ultra се најновите флегшип телефони на јужнокорејската компанија. Иако во некои региони доаѓаат со малку супериорниот Snapdragon 8 Gen 1 чипсет, истото не може да се каже и за домашниот пазар, каде што пристигнаа со Exynos 2200 на компанијата.

Нема што многу да се зборува околу битката „Snapdragon vs Exynos“, повеќето корисници ја претпочитаат верзијата со Qualcomm чип. Сличната „традиција“ продолжува и оваа година, бидејќи тестовите покажуваат дека A13 Bionic чипот од iPhone 11 е малку посилен од најновиот Exynos во некои S22 модели.

Како што пренесува ZDNet, најновите компаративни тестови покажуваат дека A13 чипот има подобри графички и процесорски перформанси на iPhone 11 во однос на Exynos 2200 кај Galaxy S22. Понатаму, нагласен е и проблемот со прегревање на новиот чип на Samsung, што ќе предизвика некои корисници да ги прескокнат новите телефони.

Од друга страна, Samsung на големо се фали со Galaxy S22 Ultra, но споредбените тестови покажуваат дека неговите перформанси се послаби во споредба со iPhone 13 Pro Max, кој го покренува A15 Bionic чипот. Ова се донекаде поразителни резултати, но секако треба да се напомене дека бенчмарк тестовите секогаш не ја покажуваат вистинската слика.

Бројни аналитичари на мобилниот пазар сметаат дека Samsung премногу брзал со објавувањето на Galaxy S22 серијата, па би можело да има повеќе поплаки од корисниците. Но, како што сега стојат работите, некои од веќе забележаните проблеми би можеле да се поправат со последователни ажурирања, на кои веќе работи јужнокорејската компанија.