Археолозите од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) ги открија најстарите познати градби, стари најмалку 8.500 години.

Станува збор за градби кои се повеќе од 500 години постари од претходните откритија, потврдија од Министерството за култура и туризам во Абу Даби. Градбите се откриени како дел од археолошката програма и се пронајдени на островот Гага западно од градот Абу Даби.

Структурите се едноставни кружни простории со камени ѕидови кои се доста добро сочувани, а нивната висина е речиси еден метар. Тимот археолози рече дека тоа веројатно биле куќи за мала заедница која живеела на островот цела година.

Ова откритие е доказ за постоењето на неолитските населби пред да се развијат далечните морски патишта, што сугерира дека трговијата всушност не била поттик за населување во областа, како што претходно мислеа археолозите.

Пронајдени се стотици артефакти, вклучително и обработени камени врвови од стрели кои веројатно се користеле за лов. Археолозите шпекулираат дека заедниците веројатно ги користеле богатите ресурси на морето.

Иако сѐ уште е неизвесно колку долго биле користени градбите, археолозите пронашле посмртни останки од човек стари околу 5.000 години.

Извор: Klix.ba