Човештвото моментално е „на пат кон самоуништување“, но вештачката интелигенција би можела да биде решението, изјави извршниот директор на Open AI Сем Алтман на самитот за економска соработка на Азија и Пацификот во Сан Франциско.

„Потребна ни е технологија ако сакаме да се развиваме“, рече Алтман, според Блумберг.

На прашањето за можната злоупотреба на вештачката интелигенција во претседателската кампања на САД во 2024 година, Алтман одговори дека најопасните ризици се оние за кои сè уште не знаеме доволно, како што се иновациите во персонализираното убедување.

Алтман смета дека државите треба да го следат развојот на вештачката интелигенција.

„Во овој момент или во следните неколку генерации, веројатно нема да ни треба прекумерна регулација, но кога моделот со вештачка интелигенција може да ги постигне истите резултати како цела компанија или цела земја, можеби ќе сакаме колективен надзор над оваа технологија“, истакна шефот на Open AI.