Американскиот технолошки гигант Intel објави дека ќе го купи израелскиот производител на чипови Tower Semiconductor за 5,4 милијарди долари, што укажува дека планира да ја искористи можноста што ја отвори огромната побарувачка за полупроводници.

Израелската компанија произведува чипови за автомобили, медицински сензори и електрични системи, а Intel треба да помогне во обидот да се загрози доминантната позиција на тајванскиот TSMC, најголемиот светски производител на чипови.

„Портфолиото на специјализирана технологија и географскиот дофат на Tower ќе му помогне на Intel да ги прошири своите услуги за производство на чипови и да ни овозможи да се доближиме до нашата цел, која е позицијата на главен снабдувач во производството на чипови ширум светот“, рече извршниот директор на Интел, Пат Гелсинџер.

Чиповите, пак, во последно време се многу барани, особено во автомобилскиот сектор, додека производителите на електроника успеаја да набават доволно залихи, па помалку се погодени од моменталниот недостиг.

 

Трансакцијата се очекува да биде склучена за околу една година, по добивањето на регулаторните дозволи и исполнувањето на вообичаените услови за склучување, вклучително и зеленото светло од акционерите на Tower.