Способни да обезбедат побрзо полнење и значително поголем опсег со едно полнење, батериите во цврста состојба се сметаат за следно поглавје во развојот на електричните автомобили

Toyota е една од многуте компании која инвестира во оваа технологија. Сепак, шефот на стратегијата за електрификација и погонски единици на компанијата, Тибо Паке, минатиот декември изјави дека технологијата ќе дебитира на хибридно, а не на чисто електрично возило.

Тоа е потврдено и од главниот научник на Toyota и шеф на истражувачкиот институт на Toyota, Џил Прат. Тој додава дека развојот напредува според планот, така што првиот модел кој ќе се откаже од литиум-јонските батерии ќе пристигне во првата половина на оваа деценија. Бидејќи веќе е јануари 2022 година, тоа значи дека предметното возило ќе се најде на пазарот најдоцна за три години.

Некој ќе постави прашања, зошто хибридите се приоритет за Toyota, а не електричните автомобили? Џил Прат признава дека ова изгледа малку „контраинтуитивно“ на прв поглед, но неговото објаснување има совршена смисла. Со сегашната „електрична“ понуда, која е сè уште „премиум“ во однос на ценовните бензински еквиваленти, вградувањето на цврсти батерии електричните автомобили ќе ги направи уште поскапи. Трошоците најверојатно ќе се намалат до 2025 година, но не доволно за да се направат комерцијално одржливи електрични автомобили со цврсти батерии.

Поради оваа причина, Toyota оваа ветувачка технологија ќе ја примени прво на хибридните модели, бидејќи батериите што ги користат се помали, па затоа нема да имаат толку негативно влијание врз цените на возилата. Компанијата, исто така, ги гледа хибридите како добар полигон за тестирање на новата технологија, бидејќи циклусите на празнење и полнење се поизразени, објаснува Џил Прат. Хибридите овозможуваат поригорозно тестирање на новата генерација на батерии, кои ќе се вградуваат во електричните возила веднаш штом нивната цена ќе биде комерцијално оправдана.

Се разбира, новата технологија ќе најде место и во моделите со високи перформанси на Toyota, веројатно во рамките на Lexus, како што е концептот Electrified Sport во форма на елегантно, аеродинамично купе со автономија од 700 километри и до 100 km/ ч за околу две секунди.