Филипинската влада ги објави плановите за изградба на паметен град за справување со загадувањето на воздухот и густиот сообраќај. Новиот град ќе се вика Њу Кларк и се очекува да биде изграден во следните 30 години. Неговата изградба ќе чини 14 милијарди долари.

Проектот се очекува да генерира 30 милијарди долари годишно за економијата на земјата. Градот ќе се наоѓа 120 милји од Манила, со површина од 36 квадратни километри. Неговото население ќе биде околу 2 милиони луѓе. Замислата е во градот да се движат беспилотни електрични возила и дронови, да има енергетски ефикасни згради, гигантски спортски комплекс и изобилство од зелени површини, кои ќе покриваат две третини од почвата.

Во Њу Кларк ќе има пет области, секоја со различна функција – влада, бизнис, образование, земјоделство и рекреација.

„Постепено ќе видите како Манила ќе стане поинаков тип на град, а во Њу Кларк ќе видите како настапуваат компаниите за нови технологии”, рече Хеанг Фин Вонг, извршен директор на Surbana Jurong. Surbana Jurong и групацијата BCDA ќе одговараат за изградба на паметниот град кој ќе се наоѓа на 55 метри надморска височина. Изградбата се очекува да започне во 2022 година, придружена од нова железничка линија што го поврзува новиот град со престолнината.