Повеќе од 80 организации за проверка на факти ја повикаа онлајн видео платформата YouTube подобро да се бори против дезинформациите, нудејќи помош за разоткривање на лажни тврдења.
– Секој ден гледаме дека YouTube е еден од главните канали на онлајн дезинформации ширум светот, истакнаа групи од целиот свет – од Политифакт и Вашингтон пост во САД до Африка чек (Africa Check) со седиште во Кенија.
– Видеата што содржат лажни информации останаа „под радарот на политиките на YouTube, особено во земјите од неанглиско говорно подрачје, велат тие во отворено писмо до шефицата на платформата Сузан Војчицки.
– Ве повикуваме да преземете ефикасна акција против дезинформациите … и да го сторите тоа заедно со светските независни, непартиски организации за проверка на факти, додаваат тие.
– Нашето искуство како проверувачи на факти, заедно со академските податоци, покажува дека објавувањето проверени информации е поефективно од бришењето содржини, подвлекуваат организациите.
Портпаролката на YouTube, Елена Ернандез ја бранеше платформата, велејќи дека проверката на фактите е „важна алатка“, но само „еден дел од многу поголема сложувалка за справување со ширењето на дезинформации“.
– Во текот на годините инвестиравме многу во политики и производи во сите земји … за да ги поврземе луѓето со авторитативна содржина, да го намалиме ширењето на граничните дезинформации и да ги отстраниме видеата што содржат насилство, додаде таа.