Многу корисници се жалат за комуникацијата со поддршката на Facebook откако нивниот профил на таа социјална мрежа бил блокиран поради некоја причина. Поради многуте жалби, компанијата Meta одлучи да воведе нова функција.

Станува збор за chat или онлајн-разговор, кој ќе им олесни на корисниците на Facebook кои немаат пристап до своите профили, да контактираат со поддршката за корисници, пишува порталот „Индија тудеј“.

Ова може да биде од голема корист за луѓето што сакаат да го вратат својот профил и поефикасно да го решат овој проблем.

Од Meta објавија дека почнале со тестирање чат за корисници што зборуваат англиски, а чии сметки се блокирани. Првиот тест се фокусира на корисници што не може да пристапат до својот профил поради невообичаена активност или прекршување на правилата на Facebook-заедницата.