Извршниот директор на Tesla, Елон Маск продаде уште еден дел од акциите на компанијата за околу 1,05 милијарди долари, покажуваат финансиските податоци објавени оваа недела на берзата.
Тој овој месец продаде акции на Tesla за вкупно 9,85 милијарди долари, пренесува Си-Ен-Би-Си, прецизирајќи дека на 10 ноември остварил продажба во износ од 6,9 милијарди долари, а на 15 и 16 ноември во износ од уште 1,9 милијарди долари.
Шефот на Tesla продаде дел од акциите за да ги подмири даночните обврски поврзани со капиталната добивка остварена врз основа на опции (купување акции на компанија по договорена поповолна цена).
Маск сè уште поседува повеќе од 169 милиони акции од компанијата.
Откако Маск почна да ги продава акциите на Tesla, нивната вредност падна за 15,4 отсто во неделата завршена на 12 ноември, што беше најлошата берзанска недела на оваа компанија во последните 20 месеци.
Вчера попладне акциите на Tesla на Волстрит зајакнаа за околу 1,0 отсто.
На 6 ноември Маск спроведе неформална анкета на Твитер, прашувајќи повеќе од 60 милиони свои следбеници дали треба или не да продаде 10 отсто од акциите во „Тесла“, а нивната препорака беше да продаде.
Претходно оваа година, Маск навести дека веројатно ќе го продаде „големиот блок“ од своите опции во четвртиот квартал, бидејќи маргиналната даночна стапка по истекот на важноста на опциите на акциите на Tesla би била 50 проценти.
Поврзани артикли