Компанијата Samsung планира во текот на наредните три години да изгради фабрика за полуспроводници вредна 17 милијарди долари во близина на Остин, Тексас, како дел од напорите да го зголеми производствениот капацитет и да го ублажи глобалниот недостиг на чипови.

Јужнокорејскиот технолошки гигант во вторникот најави изградба на фабрика со вкупна површина од пет милиони квадратни метри, со цел да го зголеми производството на најсовремените логички полуспроводници, кои се користат во телефони и компјутери, пренесува CNBC.

Компанијата очекува градежните работи да почнат во првата половина на 2022 година и се надева дека фабриката ќе биде оперативна до втората половина на 2024 година.

Вкупната проектирана инвестиција од 17 милијарди долари ќе биде најголемата што Samsung досега ја има направено во САД. Оваа сума вклучува згради, машини и опрема.

Samsung почнал со работа во САД во 1978 година, а во земјата вработува повеќе од 20.000 луѓе. Со најновата инвестиција, вкупните инвестиции на Samsung во САД ќе надминат 47 милијарди долари, соопштија од компанијата.