Иако изминатата година и половина беа лоши за светот воопшто, некои индустрии иронично имаат корист од хаосот што го предизвикаа неколку глобални услови. Пазарите на таблети и компјутери, за кои некогаш се мислеше дека се во агонија, забележаа зголемување на побарувачката и продажбата, најмногу поради тоа што многу компании мораа да организираат школување и работа на далечина. Меѓутоа, не се очекуваше тој статус кво да трае вечно, а се чини дека испораките на таблет и Chromebook уреди веќе го покажуваат почетокот на крајот.

Остриот пораст на побарувачката за таблет и Chromebook уреди минатата година лесно може да се припише на ограничувањата на Ковид-19, поради кои многу луѓе останаа заглавени дома. Бизнисите, училиштата и потрошувачите се трудеа да ги добијат овие преносни компјутерски уреди, посебно затоа што залихите беа малку пократки поради ограничувањата за патување и испораките предизвикани од пандемијата. Сепак, побарувачката почна да се намалува, а многу клиенти досега веќе беа снабдени со овие уреди.

Како што објави IDC, а пренесува Bussines Wire, пазарот на таблет уреди, исто така, имаше корист од недостигот на компоненти што го измачуваше пазарот на компјутери, но сега ситуацијата е обратна. Производителите на таблет уреди, кои често се и производители на компјутери, сега се принудени да ја распределат својата ограничена понуда на компоненти и ресурси на други категории, главно лаптопи и гејминг компјутери. Како таков, пазарот на таблети падна за 9,4 проценти во третиот квартал од 2021 година во споредба со истиот период минатата година, испорачувајќи само 42,3 милиони примероци

Пазарот на Chromebook беше уште полош, со пад од 29,8% во однос на претходната година во третиот квартал. Со оглед на тоа колку е зголемена продажбата на оваа категорија уреди во последните месеци, тоа и не е некоја катастрофа. Всушност, Chromebook уредите продолжуваат да се продаваат добро на пазарите во развој, но не доволно за да се спречи падот на глобалниот пазар.

Овој извештај доаѓа во речиси ироничен момент, кога Google почна да го подготвува Android 12L за големите екрани како таблет и Chromebook уреди, па дури и компјутери. Се разбира, овие пазари нема да исчезнат и покрај падот на продажбата, но тоа би можело да ги намали напорите на Google конечно да се погрижи Android да работи навистина добро на таблет уредите.