Huawei претстави два нови телефона од средниот сегмент – Enjoy 20 и Enjoy 20 Plus. Plus верзијата изгледа како Mate 30 Pro на задната страна, додека од предната страна имплементира чист дизајн без засек и со 92% screen-to-body однос. Стандардниот Enjoy 20 има засек за селфи камерата и систем на камери на задната страна сличен на оној кај iPhone 11 серијата.

Huawei Enjoy 20 Plus 5G има 20:9 IPS LCD панел со 1080 x 2400p резолуција и дијагонала од 6,63 инчи. Екранот поддржува 90Hz освежување, додека 16MP f/2.0 предната камера е сместена во pop-up механизам. Уредот го покренува новиот Dimensity 720 чипсет со 5G поддршка, во комбинација со 6GB или 8GB LPDDR4X RAM (со проширување преку Huawei NMcards до 256GB).

Системот на камери на задната страна го сочинуваат 48MP f/1.8 главна камера, 8MP F/2.4 ултраширока камера и 2MP макро сензор. Батеријата од 4200mAh поддржува 40W брзо полнење. Смартфонот пристигнувба со EMUI 10.1 заснован на Android 10.

Enjoy 20 Plus 5G ќе биде достапен во црна, сина, зелена и розева варијанта, по цена од околу 335 долари за 6GB модел и околу 365 долари за 8GB варијанта.

Стандардниот Huawei Enjoy 20 5G поседува сличен 6.6-инчен IPS LCD панел, но со HD+ (720 x 1600p) резолуција и 60Hz освежување. Телефонот го покренува Dimensity 720 чип, со 4/6 GB RAM и 128GB простор за складирање. Тука е и стандардниот microSD слот.

На полето на камерите, Enjoy 20 5G има 13MP f/1.8 главен сензор, 5MP ултраширок и 2MP макро сензор. Од предната страна се наоѓа 8MP камера. Уредот го напојува 5000mAh батерија со поддршка за 10W полнење. Сензорот за отпечатоци од прстен е сместен од страна како и кај Plus моделот.

Enjoy 20 5G пристигнува во истата комбинација на бои, со цена од околу 250 долари за 4GB модел и околу 280 долари за 6GB варијанта.

Huawei Enjoy 20 и Enjoy 20 Plus дебитираа во Кина, а засега нема информации за глобална објава на уредот.