Русија би можела да го казни Facebook со 10 проценти од годишниот приход во земјата, бидејќи постојано одбива да ги отстрани содржините што државата ги смета за незаконски, пишува весникот „Ведомости“.
Државниот регулатор Роскомнадзор соопшти дека Facebook може да биде казнет со 5 до 10 проценти од годишниот приход во Русија за повторените прекршувања на прописите, вклучително и неуспехот да се отстранат објавите со детска порнографија, злоупотреба на дрога и екстремистичка содржина, пишува весникот.
Експертите проценуваат дека Facebook има годишен обрт од околу 165 милиони долари во Русија.
Според документите на судот, Роскомнадзор отворил 17 тужби против Facebook оваа година, бидејќи не ги отстраниле забранетите содржини. Вкупните казни со кои се соочува и кои ги должи изнесуваат 64 милиони рубљи.
„Раководството на Facebook не ги плати казните“, тврди Роскомнадзор.