Европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон му се придружи на Атлантскиот совет за да гo претстави развојот на напорите за вакцинација во рамките на Европската унија, агендата за дигитална политика и соработката со Соединетите американски држави.

Според еврокомесарот Бретон, оваа посета се случила во вистински момент. „Не го очекував ова, но се случува по повлекувањето на американските трупи од Авганистан и договорот АУКУС меѓу САД, Австралија и Обединетото Кралство – што се случи истиот ден кога Европа ја објави својата Индо-пацифичка стратегија.  Мислам дека ништо не се случува случајно во нашиот свет. Вистина е дека некои во Европа ова го гледаат како повик за будење“.

Еврокомесарот ја планирал посетата пред многу недели, истакнувајќи дека е дојден со многу позитивна агенда. „Тука сум да ја продлабочам соработката меѓу ЕУ и САД, што е нешто што верувам дека го правам прилично добро и ми се допаѓа да го правам затоа што ги знам придобивките од ова партнерство;  да го зајакнеме нашиот синџир на снабдување;  заедно да се бориме против глобалната пандемија; на вистински начин да инвестираме во нашиот технолошки пејзаж;  и на соодветен начин да го регулираме нашиот дигитален простор. И додека многу од ова се уште е на менито, и имав многу конструктивни состаноци овие денови, нешто друго е сепак променето“.

Според него, сепак, постои се поголемо чувство во Европа, дека нешто е нарушено во меѓусебните трансатлантски односи. „Партнерството функционира кога двете страни се искрени едни кон други, кога двете страни меѓусебно се однесуваат со почит и кога двата партнери се силни – и, се разбира, кога постоидоверба. Но, секако, ние не сме наивни. Довербата не е дадена. А по најновите настани, постои силна перцепција дека довербата меѓу ЕУ и САД е намалена. Затоа, веројатно е време да го прекинеме и ресетираме нашиот однос меѓу ЕУ и САД“, нагласи Бретон.

Еврокомесарот Бретон се огласи и по повод борбата против глобалната пандемија. „Од почетокот на ситуацијата со Ковид-19, научивме на потешкиот начин дека ниту една земја, односно ниту еден континент, не може сам да се бори против глобалната пандемија. Денес ЕУ и САД учествуваат со повеќе од половина од сите вакцини произведени и испорачани низ целиот свет. И речиси сите mRNA вакцини се направени од нас. Доколку глобалниот производствен капацитет е зголемен, тоа е секако благодарение на нас“.

Бретон смета дека одлуката за укинување на американската забрана за патување на целосно вакцинираните Европејци е добредојдена. „Добро е што ова сега е решено и среќен сум за сите овие семејства кои ќе можат повторно да бидат заедно. Но, да бидеме искрени – ова требаше да биде направенопорано, бидејќи Европа е првиот континент по бројот на вакцинирани луѓе, така што вистина е дека не разбравме зошто сме на иста листа со Иран, Бразил, Кина итн.“.

„Во борбата против пандемијата, Европа ги исполни своите одговорности. Големи количини на материјалите за вакцини беа испратени од ЕУ во САД, што им овозможи на Соединетите држави да го зголемат своето производство на вакцини.  И што е уште поважно, ЕУ извезе половина од сопственото производство за поддршка и вакцинирање во повеќе од сто земји. Ние бевме единствените што го направија ова“, истакна Бретон, кој додаде дека ЕУ ќе продолжи да работи со САД на обезбедување на производство на вакцини, објавувајќи го првиот официјален состанок на заедничката работна група за синџирите на снабдување со производство на Ковид-19, заедно со американскиот колега, Џеф Зинтс.

Бретон се осврна и во однос на технологијата и вложувањето во технолошкото лидерство. „Повторниот преглед на нашите синџири на снабдување, избегнување на ранливостите и правилното вложување за нашите граѓани – ова мора да се направи и во новите технологии во кои ЕУ и САД ги делат заедничките зависности од другите земји. Да ги земеме на пример полупроводниците, каде технологијата и геополитиката се потешко може да се раздвојат. Глобалниот недостаток влијае на многу индустриски сектори низ целиот свет, а со самото тоа и на секојдневниот живот на нашите граѓани. Денес, на пример, 80 проценти од глобалното производство на полупроводници се наоѓа во Азија – и секако ја знаеме улогата на Тајван – додека Европа и Соединетите држави држат по 10 проценти од секоја страна на Атлантикот“, посочи Бретон.

Европскиот комесар за внатрешен пазар ја истакна потребата од преземање на контролата и ребалансирање на глобалните синџири на снабдување со полупроводници. „Минатата недела, претседателот Фон дер Лејен најави покренување на Законот за европски чипови, чија цел е нашата научно-истражувачка извонредност и неискористен капацитет да ги претвори во водечко место во индустријата. Грешат оние што мислат дека станува збор само за Соединетите држави. Се работи за технолошки суверенитет, за тоа да имате доволно автономија за да направите вистински избор за Европа. За да го направиме тоа, мораме да ги зајакнеме нашите индустриски капацитети во Европа. Не станува збор за желба да произведуваме се што ни е потребно во Европа. Мораме да ги диверзификуваме синџирите на снабдување со цел да ја намалиме вкупната зависност од една земја или регион. И додека ЕУ има за цел да остане водечка глобална дестинација за странски инвестиции, мораме да го направиме нашето локално производство поотпорно и секако да ја чуваме европската безбедност на снабдувањето“, потенцира Бретон.

„Нашето успешно партнество бара двете страни да бидат јаки. Во светот на се поголема неизвесност, во најдобар интерес на Америка е да има силна и суверена Европа како партнер. Во овој дух и пристапувам на расправата во Советот за трговија и технологија ЕУ-САД.  Секако, Европа и Соединетите држави мораат многу да соработуваат во областа на технологијата, а како комесар, за технологија, многу ги ценам партнерствата и знам дека тоа е најважно во технолошкиот сектор“.

Еврокомесарот потенцираше дека двете страни имаат заеднички предвизвик во регулирањето на дигиталниот простор. „Партнерствата се градат со комбинирање на соодветните сили во неколку технолошки прашања, вклучувајќи ги и полупроводниците. Прилично добро гледам каде лежат силните страни на Европа, вклучувајќи ја и нашата додадена вредност. Допрва треба да разберам што САД ќе донесат на маса. И покрај она што некој би можел да помисли или посака, оваа дискусија не се занимава со класични трговски преговори со давање и земање;  се работи за нашата идна индустриска позиција. Европа мора, и внимателно ќе ги процени своите интереси во поглед на новите геополитички реалности“, истакна Бретон.

Целосното излагање на Европскиот комесар за внатрешен пазар, Тиери Бретон можете да го погледнете на следниот ЛИНК.