Кинескиот производител на вакцини „Пекинг Вантаи бајалоџикал фармаси ентерпрајс“ следниот месец планира да започне големо испитување на кандидати за вакцина против Ковид-19 во форма на спреј за нос, според записникот за регистрација на клиничките испитувања.

Според податоците објавени во средата во кинескиот регистар на клинички испитувања, компанијата има намера да ангажира 40.000 возрасни субјекти за третата фаза од клиничкото испитување.

На возрасните ќе им се дадат две дози со растојание од две недели од потенцијалната вакцина или плацебо.

Во регистарот не се наведува во колку земји компанијата ќе го спроведе истражувањето, но се вели дека етичкиот комитет на Филипините ја одобрил студијата, отстранувајќи ги пречките за потенцијално тестирање во таа земја.

Портпаролот на Пекинг Вантаи рече дека регистрацијата не значи дека компанијата официјално ја започнала третата фаза од клиничкото испитување.

Портпаролот на компанијата чека дополнителни документи од властите, но не прецизира од кои земји.

Вакцината спреј, како алтернатива на вообичаената инјекција во раката, може да предизвика специфични имунолошки реакции во дишните патишта со имитирање на природна инфекција со респираторен вирус.

Потенцијалната вакцина користи ослабен вирус на грип за пренос на генетски информации за дел од коронавирусот.