Американската комерцијална вселенска компанија SpaceX испрати пакет на Меѓународната вселенската станица на NASA, а според очекувањата, пратката треба да пристигне уште денеска.

Kапсулата Dragon носи повеќе од 2.170 килограми залиха, вклучувајќи и свежа храна, овошје како авокадо и лимон, па дури и сладолед за седум од астронаутите кои се наоѓаат на вселенската станица.

Во „пакетот“ се испорачани и мравки, ракчиња и разни растенија кои ќе се користат за експериментални цели, а испратени се и соларни ќелии и бетонски примероци.

Експерименталниот робот на една јапонска компанија ќе се обиде да ги поврзува предметите и да завршува секојдневни обврски кои обично ги прават астронаутите. Првите тестови ќе бидат направени во вселенската станица.

Исто така, испратена е и роботска рака произведена од јапонската компанија Gitai Inc, за да биде користена во процесот на поправка.

Ова ќе биде 23. испорака на товар која SpaceX ја извршува за американската Агенција за истражување на вселената.