Facebook Inc соопшти дека отстранил повеќе десетици страници што шират дезинформации за вакцините против Ковид-19, откако Белата куќа ги повика фирмите на социјалните мрежи да ја зајакнат контролата на фактите поврзани со пандемијата.

Компаниите како Јутјуб, Твитер и Гугл се најдоа на удар на администрацијата на Бајден поради алармантното ширење на дезинформации за вакцините што го погодуваат темпото на вакцинирање во земјата, во која многумина се непријателски расположени кон вакцинирањето.

Неодамнешниот извештај од Центарот за борба против дигиталната омраза (CCDH) на САД покажал дека 12 антиваксерски профили шират скоро две третини од дезинформации против вакцините на интернет.

Фејсбук ја оспорил методологијата што стои зад извештајот, но денеска соопшти дека отстраниле повеќе десетици страници, групи и сметки на Фејсбук или Инстаграм поврзани со овие 12 профили за кршење на нивните политики.

„Исто така, воведовме казни за речиси дваесетина дополнителни страници, групи или сметки поврзани со овие 12 лица“, соопшти Facebook во блогпостот насловен „Како да преземаме дејствија против ширењето на дезинформации за вакцините“.

Некои од главните дезинформации за вакцините со кои се бори администрацијата на Бајден вклучуваат дека вакцините протви Ковид-19 се неефикасни, лажни тврдења дека се вградуваат микрочипови и дека ја повредуваат плодноста на жените, изјави официјален претставник на Белата куќа минатиот месец, пренесува Ројтерс.